Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед во државава.

– Дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот архиерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да ви го честитам големиот христијански празник, Успение на Пресвета Богородица. Чествувајќи го еден од најблагородните и највозвишените празници, Успение на Пресвета Богородица, преку кој се испраќаат суштински пораки од искона па сѐ до нашето совремие, важно е да се потсетиме дека Пресвета Богородица, Божјата мајка е парадигма за сето она по кое што безмерно трага современиот човек: сострадалност, грижа, храброст, стоичност, емпатија, љубов – наведува Пендаровски во честитката.

Овој голем празник, посочува претседателот, исто така ни покажува и дека секое искушение треба да го понесеме заеднички и поединечно во смирение.

– Честитајќи го празникот Успение на Пресвета Богородица посакувам да се потсетиме дека само со љубов и храброст какви што ги гледаме во ликот на Божјата мајка, може да чекориме низ животот. За многу години празникот, истакнува претседателот Пендаровски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери упати честитка до припадниците на православната вероисповед по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, посакувајќи добро здравје, душевен мир, семејна среќа и топлина, меѓусебна почит, разбирање и хармонија.

– Нека овој голем ден кој е во чест на Успението на Пресвета богородица биде денот во кој што ќе најдеме сите човечка сила за взаемно разбирање, во исто време ќе почувствуваме благодарност и почит кон благословите што се излеваат врз луѓето на овој празник. Да се надминеме себеси со тоа што ќе се погрижиме сите да бидеме на исправниот пат, осветлувајќи го и отворајќи го и нашиот ум и нашето срце, затоа што само тогаш ќе знаеме како да го цениме и да го живееме животот како дар во кој царува љубов, радост и взаемна почит. Тогаш ќе можеме да почувствуваме колкава е моќта на животот врз смртта и колку малку треба за да имаме мир и спокој во душата и во државата. Искрени честитки до сите Вас почитувани граѓани, со желба да најдеме сите во себе доволно доблест за правење на добри дела, за негување на позитивни вредности и споделувањето на најдоброто од нас овој и секој друг ден. Ви посакувам убаво поминат празник! – наведува Џафери во честитката.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка до православните христијани по повод големиот празник Успение на Пресвета Богородица, а го честита и Денот на рударите, што исто така се одбележува денеска.

– Денес е денот кога сите ние треба да си спомнеме за христијанските вредности кои со векови се дел од нашата традиција и вера. Љубовта кон ближните, но и хуманоста се темелите на нашата духовност, бидејќи тие не учат дека треба да жртвуваме дел од нас, да бидеме трпеливи и истрајни, за да направиме подобро денес и подобро утре за нас, но и за нашите идни поколенија. Искушенијата и предизвиците се дел од секој пат, но сплотени заедно можеме сите нив да ги надминеме – наведува Мицкоски.

Тој дополнува дека денес многу македонски семејства ја споделуваат тешката судбина на несигурност, сиромаштија и одземена иднина. Ако криминалот и корупцијата ги ништат темелите на нашиот дом, тогаш мораме одлучно да се справиме со нив. Ако отуѓеноста и апатијата ни се закануваат, тогаш заедничкиот патриотизам и проактивноста на секој од нас мора да биде одговорот со кој ќе се спротивставиме, порачува Мицкоски.

Како што посочува, македонските рудари се соочуваат со бројни проблеми и тешки услови за работа. Тоа, порачува, мора да се промени.

– Потребни се достоинствени услови за работа и платен труд.
Заедно да изградиме подобро и праведно општество. Ќе донесеме иднина за секој еден човек. Заедно да ја промениме грдата слика на секојдневието и се избориме за иднина. За многу години празникот Успение на Пресвета Богородица. Нека Бог и нашата заштитница Мајката Божја ја штитат Македонија. Нека е вечна Македонија – наведува Мицкоски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упати честитка по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, со желби за добро здравје, мир и благосостојба.

– Овој празник на Божјата Мајка говори за нејзината чистота, сила и верба во Спасението Господово, бидејќи таа, завршувајќи го земниот живот на ваков најсвет начин, била преземена со душа и тело во небесна слава. Таа е вечно жива, бидејќи ни го донела Христа, а преку него и бескрајното спасение на човековиот род. Нека добрите дела, љубовта и радоста бидат дел од нашето секојдневие. Да напредуваме сите заедно, да се радуваме на просперитетот на државата, заедно да го изодиме патот кон иднината, онаму каде што припаѓаме, во европското семејство. Ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје и радост, меѓу најблиските. Нека е за многу години! – се вели во честитката.