Последните настани на релацијата Пекинг – Вашингтон за островот Тајван треба да се гледаат низ поширока геополитичка слика. Морнариците на Кина и Индија последните недели добија нови носачи на авиони

Нови прегрупирања на големите сили во регионот на Азија

Соединетите Американски Држави нема да го напуштат Тајван. Тоа е пораката на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот конгрес, Ненси Пелоси, која вчера се обрати во тајванскиот парламент. Пелоси притоа ѝ се заблагодари на претседателката Цаи Инг-вен за нејзиното лидерство и ја повика на јакнење на меѓупарламентарната соработка.
Посетата на американската функционерка на Тајван предизвика вистински меѓународен „земјотрес“, а беа испратени и остри реакции од Кина.
Кинеската владејачка Комунистичка партија тврди дека самоуправната демократија Тајван е нејзина територија и не ја исклучила и употребата на сила за „повторно обединување“ на островот со копнениот дел на Кина. Официјален Пекинг се противи на секој потег што на Тајван му дава чувство на меѓународен легитимитет.

Вжештени релации меѓу Вашингтон и Пекинг

Последните години голем број американски делегации, главно пензионирани политичари и актуелни функционери од понизок ранг, го посетуваа Тајван. Но последната посета на Пелоси е „попровокативна“ за Кина, која испрати и воени авиони и бродови околу островот.
– Пелоси е трет јавен функционер во рангот, по претседателот и потпретседателот на САД. Кинезите ова го сфаќаат сериозно – изјави Сузан Л. Ширик, претседателка на Кинескиот центар од Сан Диего, пренесува Си-ен-ен.
Пекинг на нејзината посета гледа како на сериозно прекршување на историскиот договор меѓу Кина и САД. Вашингтон ја признава Народна Република Кина, но одржува блиски односи со Тајван. САД го снабдуваат Тајван со одбранбено оружје, но останува нејасно дали тие ќе го бранат Тајван во случај на кинеска инвазија.
Медиумите вчера ја пренесоа веста објавена од „Риа новости“ дека Пелоси ја прекинала посетата на Тајван, а своето патување по Азија ќе го продолжи во Јапонија и во Јужна Кореја.
Тајван беше важна тема во телефонскиот разговор меѓу кинескиот и американскиот претседател. Но, како што беше пренесено, Пекинг бара од Вашингтон да ги почитува постојните договори. Американскиот претседател Џо Бајден нагласил дека американската политика не е променета.
– САД силно се противат на едностраните напори да се промени статус кво состојбата или да се поткопаат мирот и стабилноста во просторот на Тајванскиот Теснец – изјави Бајден.

Кина и Индија со нови носачи на авиони

Последните настани на релацијата Пекинг – Вашингтон треба да се гледаат низ поширока геополитичка слика. Морнариците на Кина и Индија последните недели добија нови носачи на авиони. Носачот „Фујиан“ е изграден во Кина, а „Викрант“ во Индија. Ќе биде потребно време за да бидат со полн капацитет, но веќе претставуваат најнапредни носачи на авиони, пишува „Бизнис инсајдер“.
„Фујиан“ е трет кинески носач на авиони и прв што е целосно проектиран и изграден во Кина. Неговите перформанси можат да им парираат на американските суперносачи на нуклеарен погон. Новиот носач е подолг од 315 метри и со товар тежи 80.000 тони. Сите три кинески носачи користат конвенционални мотори наместо нуклеарни реактори, што им ги ограничува времето и силата да бидат подолго на отворено море. Најголемата промена се однесува на замената на системот за кратко полетување. Се очекува „Фујиан“ да носи повеќе од 36 авиони, колку што е капацитетот на другите два носача на авиони што ги поседува кинеската морнарица.
Индиската морнарица го доби носачот на авиони „Викрант“, кој ќе претставува сериозно засилување за оваа држава, која е втора воена сила во Азија. Со 262 метри должина и 45.000 тони носивост, „Викрант“ е најголем воен брод што е конструиран во Индија. Околу 76 отсто од неговите компоненти се изработени од индиските компании. Посадата на овој брод се состои од 160 офицери и 1.400 морнари, а го движат четири гасни турбини. Може да носи 30 борбени авиони и хеликоптери. Авионската флота ќе ја сочинуваат „МиГ-29К“ од руско производство. Овој индиски носач на авиони ќе игра главна улога во јакнењето на способноста на националната морнарица да се соочи со кинеските интереси во водите околу Индија.


Кинеската армија почнува воени вежби

Руперт Вингфилд-Хејс, дописник на Би-би-си од Тајван, наведува дека, според достапните информации, и кинеските носачи на авиони и придружните воени бродови се упатиле кон Тајванскиот Теснец.
Јасно е дека по посетата на Ненси Пелоси на Тајван, Пекинг нема да се задоволи само со зборови или насочени економски санкции. Најавата за шест големи зони околу Тајван каде што од денеска Кина ќе спроведува воени вежби со боева муниција има потенцијал да се претвори во сериозна криза, како што јавува дописникот на Би-би-си.
Пекинг, според него, истото тоа го направи и во 1996 година, кога ситуацијата се претвори во т.н. „Криза во Тајванскиот Теснец“. Но во тоа време зоните за воени вежби на Кина беа надвор од територијалните води на Тајван. Овој пат, три од шесте зони навлегуваат во територијалните води на Тајван.
Ако Кина навистина влезе во тие области со своите воени бродови или авиони, тоа технички ќе значи инвазија. Како што анализира медиумот, тоа уште повеќе го зголемува влогот, бидејќи Тајван може да се чувствува принудено да ги брани своите територијални води.
Американската морнарица внимателно го следи сето тоа. Затоа, американскиот носач на авиони „УСС Роналд Реган“ со својата борбена група се наоѓа во блиското Филипинско Море. Американскиот претседател Бил Клинтон испрати две борбени групи на носачи на авиони во близината на Тајван во 1996 година, за да ѝ стави јасно до знаење на Кина дека Америка е подготвена да интервенира доколку Кина го нападне островот.

Подготвил: Митко Јовановски