Фото: Твитер/Официјален профил на рускиот претседател

Рускиот претседател Владимир Путин со месеци внимателно чекаше, надевајќи се на пукнатина во консензусот на Вашингтон создаден од неговиот американски колега Џо Бајден, за потребата да сѐ стори се што е потребно за одбрана на демократијата во Украина. А сега, се појавуваат првите напукнувања, објавува „Си-ен-ен“.

Нема назнака дека е непосредно загрозено испраќањето на американска воена помош за Украина, но и кај демократите и кај републиканците се јавува опозиција за американската улога во војната, на два месеца пред конгресните избори во ноември. Се смета дека и најмалата назнака на омекнување на американската решителност би била во корист на Кремљ, во поглед на војната и зависноста на Европа од рускиот гас, како што наведува „Си-ен-ен“.

Демократите неделава објавија, па повлекоа писмо потпишано во јуни, во кое бараат од Белата куќа да вложи еднакви напори во обидите за дипломатско решение со Русија за примирје во Украина, како што тоа го прави за вооружување на Украинците.

„Си-ен-ен“ известува и дека еден од водечките членови на Републиканската партија се правдал оти не сака намалување на помошта за Украина, но имал цел да се осигури дека парите на американските даночни обврзници не се одобруваат автоматски за војната, без внимателно обмислување. И поранешниот претседател Доналд Трамп се побунил за трошоците за поддршка на Украина, со што се очекува тој да има влијание врз секое републиканско мнозинство во Конгресот по изборите.

– Знаците на опаѓањето на политичката одлучност во САД и кај дел од сојузниците е значајна бидејќи можат да го убедат Путин оти неговите планови можат да предизвикаат замор на Западот и да ја ослабнат способноста на Украина да се бори – заклучува „Си-ен-ен“.

Извесно е дека сѐ уште постои двопартиски консензус во Вашингтон за помошта за Украина, но назнаките дека тврдите ставови на Бајден за Русија нема секогаш да наидат на едногласна поддршка, доаѓаат во особено осетливо време кога Западот се обидува да ја дискредитира реториката на Русија, се наведува во анализата на американската медиумска мрежа.