Ѕвечка оружје на сите страни
Шведскиот „Сааб“ потпиша договор со Полска на повеќе од една милијарда долари за набавка на рачен ракетен фрлач „карл-густаф M4“, заедно со потребната муниција и опрема за обука, што е најголемиот договор на компанијата досега за потребите на копнените сили, пишува „Дифенс њуз“.
„Сааб“ очекува да го потпише налогот, во вредност од 12,9 милијарди шведски круни (1,15 милијарда евра), пред крајот на јуни. Периодот на договорот трае од 2024 до 2027 година. „Карл-густаф М4“, четврта генерација ракетен фрлач без повратен удар кон рамото на оној што ја лансира ракетата, чија прва верзија датира од доцните 1940-ти, беше комерцијален успех за „Сааб“, потврден со фактот дека досега најмалку 15 земји го имаат купено и вградено во своето вооружување.
– Горд сум на нашиот близок однос со полските вооружени сили и дека „Сааб“ може да продолжи да ги зајакнува полската копнена борбена способност и националната одбрана – изјави извршниот директор на „Сааб“, Микаел Јохансон.
Војската на САД во септември го прошири рамковниот договор за „карл-густаф“ од 2019 година, нарачувајќи нова високоексплозивна муниција за системот во договор од 105 милиони долари, кој вклучуваше и противтенковски системи „АТ4“ за еднократна употреба.
Рачен фрлач „карл-густаф М4“
Нарачката ќе вклучува неколку илјади фрлачи на гранати „карл-густаф“, како и стотици илјади проектили од различни типови, се вели во соопштението на полското Министерство за национална одбрана. Преносливиот фрлач „карл-густаф М4“ тежи околу седум килограми и се состои од систем за повеќекратно лансирање на рамо, кој истрелува дострел од муниција од 84 мм, вклучувајќи и противоклопна и противпешадиска муниција.
„Карл-густаф М4“ е дизајниран да неутрализира различни модерни оклопни возила, вклучувајќи и тенкови, и да ги уништува непријателската жива сила и утврдените непријателски позиции. Со ефективен дострел, кој се протега од 300 до 2.100 метри, во зависност од употребената муниција, „М4“ може да се пофали со ергономски подобрувања за урбана војна, вклучувајќи намалени димензии и тежина во споредба со неговиот претходник, „М3“, пишува блогот „Дифенс“. Опремен со шина од типот „пикатини“, овозможува прикачување дополнителни уреди за нишанење, зголемувајќи ја оперативната разновидност.
Покрај нападот на оклопни возила, може да го осветли бојното поле и да испука димни бомби за димна завеса. Обично се користи од страна на стрелецот и помошникот на стрелецот, но може да се користи и од еден војник, иако брзината на огнот потоа значително се намалува на шест проектили во минута. Секој ракетен фрлач чини околу 18.000 евра, а парче муниција од 400 до 2.500 евра.
Полска, која веќе беше во процес на модернизација на своето вооружување, дополнително го зголеми воениот буџет по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, со намера да ја зголеми бројноста на нејзината војска за околу 60 отсто за да создаде армија од 300.000 војници.
Проширување на шведската компанија
Полскиот договор се очекува да стапи во сила до крајот на вториот квартал, под услов да се исполнат „одредени надворешни услови“, соопштија од „Сааб“, без да дадат дополнителни детали. Во октомври, „Сааб“ доби јапонска нарачка за повеќе од 300 системи „карл-густаф“ за испорака во 2025 година, по што следуваше купување од, засега за јавноста, неидентификуван купувач во ноември во вредност од 1,3 милијарда круни.
Дополнително, компанијата соопшти дека започнала со изградба на нова фабрика „Карл-Густаф“ во Индија во понеделникот, пред една седмица, откако добила одобрение за 100 отсто директни странски инвестиции. Локацијата ќе биде првиот објект надвор од Шведска и првиот одбранбен производствен капацитет во странство во Индија, според „Сааб“. Компанијата ќе биде партнер со индиски доставувачи и целосно ќе ги исполни барањата за „направено во Индија“ за системите произведени на новата локација во државата Харајана. Индиската армија е клиент на системот „карл-густаф“ од 1976 година. Р.С.