Фото: Фејсбук/Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон се соочи со бура на критики откако кажа дека Европа не треба да стане „вазал“ и оти мора да избегне да биде вовлечена во каков било конфликт помеѓу САД и Кина во врска со Тајван, пренесуваат светските медиуми. Тој ги изнесе ставовите за време на интервју во неговиот авион по тридневната посета на Кина, каде што беше помпезно пречекан од страна на кинескиот колега Си Џинпинг.

Зборувајќи со новинарите на „Политико“ и „Л’Еко“, Макрон кажал дека Европа треба да биде трета сила во светскиот поредок, покрај САД и Кина. Коментарите ја потврдија долгорочната цел на Макрон за стратешка автономија на Европа, преку избегнување на воената и економската зависност однадвор, но поттикнаа гнев од двете страни на Атлантикот, пишува „Гардијан“.

Според известувањето на „Л’Еко“, Макрон кажал: Дали ние Европејците имаме интерес за забрзување на прашањето на Тајван – не. Најлошо би било да се мисли дека ние Европејците мора да бидеме следбеници во однос на прашањето и да се адаптираме на американскиот ритам и на кинеската претерана реакција“.

Тој додал и дека би била „стапица за Европа“ да биде вклучена во кризите „што не се наши“, во сегашната ситуација кога развила поголема автономија по пандемијата. Францускиот лидер се осврнал и на евентуалната ескалација на конфликтот помеѓу САД и Кина.

– Ние не би имале ниту време, ниту начини за финансирање на нашата стратешка автономија и би станале вазали, а можеме да станеме трета сила во светскиот поредок, ако имаме неколку години за таков развој – кажал Макрон.

Амерканскиот сенатор Марко Рубио кажа дека САД требаат да размислат за насочување на надворешната политика кон сузбивање на Кина и да ја остават Европа сама да се справува со војната во Украина, ако Макрон зборувал во името на Европа.

Американскиот весник „Волстрит џурнал“ пишува дека коментарите на францускиот претседател би можеле да го подријат американското и јапонско спротивставување на Кина во Западниот Пацифик, охрабрувајќи ги американските политичари што се залагаат за олабавување на обврските на САД во Европа.

Кон критиките по повод изјавите на Макрон, преку заедничка изјава, се приклучија 15 европратеници од членките на ЕУ, тројца европратеници од Обединетото Кралство, како и 13 британски парламентарци.