Сојузот на германските општини предупреди на драматичен недостиг на квалификуван персонал во болниците, како и во областа на грижата за стари и изнемоштени лица и за децата.

– Нашите пресметки покажуваат дека во наредните години ќе недостасуваат околу 230.000 воспитувачи во детските градинки и околу 300.000 негуватели – изјави директорот на организацијата Хелмут Деди.

Федералната влада треба да преземе конкретни чекори за да привлече повеќе квалификувани работници во социјалната сфера.

– Потребна ни е многу работна сила, која не можеме ниту да ја најдеме во Германија, ниту брзо да ја обучиме. Кога бејби-бум генерацијата (родени во периодот меѓу крајот на Втората светска војна и средината на 60-те години од минатиот век) ќе се пензионира, тогаш проблемот драматично ќе се продлабочи. Не само што овие луѓе треба да бидат заменети со помлад кадар, туку треба и да размислиме за фактот дека на многумина од нив ќе им биде потребна грижа – нагласи Деди.

Од 2026 година ќе стапи во сила законското право на целодневна грижа во основните училишта. Тогаш на околу еден милион деца ќе им треба дополнителна грижа.

– За ова недостасува квалификуван кадар – објаснува Деди.

Според него, Владата мора брзо да преземе конкретни чекори и да ангажира квалификувани работници од други држави на ЕУ и од трети земји, но и да поддржи обука за истите. За да го направи ова, Владата мора да ги елиминира пречките што им отежнуваат на имигрантите да почнат да работат во Германија. Образовните и професионалните квалификации, како и работното искуство, ќе треба да се признаат без постоечката бирократија.

– Важно е нашата социјална мрежа да остане безбедна и да не се отвораат празнини. Доколку нема воспитувачи, кои ќе се грижат за најмалите во текот на денот, градинките ќе останат затворени. А возрасните луѓе, на кои им е потребна грижа и се зависни од нивните семејства, ќе треба сами да се снајдат доколку нема кој да им пружи стручна поддршка. Ни треба помош од странство – истакна Деди.