Русија би можела да ја врати смртната казна, изјави шефот на Уставниот суд на земјата.

Станува збор за можно укинување на мораториумот на смртната казна воведен во Русија во 1997 година, откако земјата влезе во Советот на Европа.

Во книгата објавена на официјалната веб-страница на рускиот Уставен суд, Валериј Зоркин предлага земјата да се врати на доктрината на националниот идентитет и дека уставната контрола значи дека Москва треба да донесе свои закони, a да не го презема влијанието на другите земји во Европа.

Според мислењето на Зоркин, воведувањето мораториум на смртната казна било отстапка од вредностите, што не е својствено за Русија.

– Фактот што Уставниот суд донесе одлука со која е невозможно да се изврши смртна казна во Русија, во оваа историска фаза од нејзиниот развој не ја исклучува можноста за враќање на ваквата форма на казнување – вели Зоркин.

Русија има неограничен мораториум на примената на смртната казна, што беше предуслов за влез во Советот на Европа. Сепак, смртната казна не е формално укината. Со одлука на Уставниот суд тоа може да се промени.

Според Зоркин, смртната казна не може целосно да се исклучи, бидејќи секогаш ќе има убиства со умисла.

Потегот за повторно воведување на смртната казна е поддржан и од некои пратеници, вклучително и пратеникот Михаил Шеремет од владејачката партија Единствена Русија.

– Предоцна реагираме за ова прашање. Укинувањето на мораториумот на смртната казна е неопходна и оправдана мерка. Оваа одлука требаше да биде донесена одамна – изјави тој.

– Смртната казна би била еден вид вакцина против педофилите и манијаците, кои нанесуваат голема штета на безбедноста и моралот во нашето општество. Не треба да ги следиме западните стереотипи и наметнатите догми на однесување. Мислам дека е соодветно прашањето за враќањето на смртната казна да се стави на јавна дебата – нагласува Шеремет.