Фото: Илустрација/Принтскрин

Договорот со „Вагнер“ заврши за повеќе од 5.000 затвореници

Основачот на руската паравоена формација „Вагнер“, Евгениј Пригожин“ објави информација дека на повеќе од 5.000 затвореници кои биле членови на оваа организација им истекол договорот и дека веќе добиле помилување од државата.

Меѓу другото, Пригожин рече дека регрутирањето затвореници од руските затвори во Вагнер го намалува криминалот за 10 до 20 пати.

– Во овој момент, договорот со Вагнер е истечен за повеќе од 5.000 затвореници и тие се помилувани. Процентот на луѓе кои извршиле второ кривично дело во рок од еден месец по завршувањето на службата е 0,31 отсто. Затоа, морам да кажам, го намаливме криминалот во Русија за десет пати – рече Пригожин.

Претходно, Пригожин објасни дека договорот со затворениците бил склучен на шест месеци.

– Нема точни проценки за бројот на затвореници регрутирани од „Вагнер“. Сепак, од почетокот на 2022 година, бројот на затвореници е намален за 32 илјади луѓе. Во есента 2022 година, беше забележан остар пад на бројот на затвореници“, пишува „Комерсант“.

Борците на „Вагнер“, кои се ословувани и како „музиканти“, ја предводат руската офанзива врз Бахмут во источна Украина, каде што моментно се водат најжестоките борби во оружениот судир.

Британското Министерство за одбрана неодамна на Твитер објави дека Москва му забранила на лидерот на „Вагнер“, Пригожин да регрутира платеници во затворите, но нема потврда на оваа информација.