Виртуелен самит на Шангајската организација за соработка (СЦО)
Подготвил: Mарјан Велевски
Шангајската организација за соработка (СЦО) одржа онлајн самит чиј домаќин беше Индија, со цел да се прошири влијанието на евроазиската група со вклучување на Иран и отворање на патот за членство на Белорусија. Формирана во 2001 година од Кина и од Русија, со поранешни советски држави од централна Азија како членки на кои подоцна им се приклучија Индија и Пакистан, осумчлената СЦО е политичка и безбедносна група што се обидува да се спротивстави на западното влијание во Евроазија.
Од завчера и Иран стана деветти полноправен член на Шангајската организација за соработка, се истакнува во усвоената декларација на самитот.
– Земјите-членки ја истакнаа историската важност на приемот на Исламската Република Иран во СЦО како полноправна земја-членка – се наведува во официјалниот документ.
Претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, во говорот на самитот на СЦО истакна дека членството ќе му обезбеди на Иран услови за зајакнување на безбедноста, државниот суверенитет и одржлив економски развој.
Поддршка на приемот дадоа и кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот лидер Владимир Путин, кои активно учествуваа на самитот.
Земјите-членки на СЦО разговараа за Авганистан, тероризмот, регионалната безбедност, климатските промени и дигиталната вклученост, меѓу другите теми.
На 26 април 1996 година, Русија, Кина, Киргистан, Таџикистан и Казахстан ја основаа Шангајската петорка, организација што беше преименувана во Шангајска организација за соработка по пристапувањето на Узбекистан на 15 јули 2001 година.
Официјални јазици се кинескиот и рускиот. Полноправни членки на СЦО се Русија, Кина, Узбекистан, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Индија, Пакистан и Иран, додека набљудувачи се Монголија, Белорусија, Авганистан. Партнери во дијалогот се Азербејџан, Египет, Ерменија, Камбоџа, Катар, Кувајт, Малдиви, Мјанмар, Непал, Обединети Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Турција и Шри Ланка. Земји што формално не се членки, но ја поддржуваат СЦО се Виетнам, Лаос, Куба, Северна Кореја, Венецуела, како и Абхазија и Јужна Осетија.