Што ќе гледаме во Кинотеката на Македонија

Деновите на шведскиот филм ќе се одржат во Кинотеката на Македонија од денеска до 12 јули. Карактеристични по посебната атмосфера, посебниот пејзаж и (се)присутниот момент на интроспекција, шведските филмови од самиот почеток на националната кинематографија се наметнаа како најбитни и како највлијателни во рамките на скандинавското кино. Почетоците на шведската кинематографија датираат од првата декада на минатиот век. Во 1911 година се оформува институцијата „Свенска биографтеатерн“, а во неа се вработуваат филмските автори Виктор Шјостром и Мориц Стилер. Одличното водење на институцијата, како и соработката со актерката Грета Гарбо, го карактеризираат почетокот на шведското кино.
– Во 1940-тите, на филмската сцена се појавува Ингмар Бергман, секако најпознатиот и најпочитуван скандинавски филмски автор. Една деценија подоцна, по појавувањето на култниот филм „Седмиот печат“, Бергман станува интернационално признаен филмаџија, особено почитуван во академските интелектуални кругови. Неговите филмови од првата половина на шеесеттите, „Вирџин сприн“ (1960) и „Тру а глас даркли“ (1961), ја добиваат престижната награда „оскар“ за најдобар странски филм. На самиот крај на таа декада, на киносцената дебитира Рој Андерсон, уште еден битен и карактеристичен шведски филмаџија. Неговиот „Лордаген ден 5.10“ од 1969 г. ја добива главната награда на филмскиот фестивал во Берлин. Во 1980-тите години, Ингмар Бергман се пензионира, а Ласе Халстром, режисерот на видеоспотовите за сингловите на групата „АББА“, добива две статуетки „оскар“ за играниот проект „Мојот живот како куче“ – велат од Кинотеката.

Во првата декада од новиов милениум, најголем интернационален успех на шведската кинематографија е „Милениумската трилогија“, направена по романите на Стиг Ларсон, со Нуми Рапаче во главната улога. Последниве неколку години, пак, Рубен Остлунд е најчесто споменуваниот шведски филмаџија. „Најдобриот наследник на Ернст Лубич“, Остлунд, ја освои главната награда на филмскиот фестивал во Кан во 2017, за горко-сатиричниот приказ на модерната уметничка сцена, „Квадратот“. Минатата година повторно ја освои „златната палма“ за црната драмска комедија „Триаголник на тагата“, дел од месечнава програма на Кинотеката.

Програмата почнува вечерва, во 20 часот, со „Триаголник на тагата“ во режија на Рубен Остлунд. Социјалната сатира му ја донесе втората „златна палма“ на Остлунд – по триумфот со „Квадратот“ во 2017 година – како и повеќето главни награди на Европската филмска академија минатата недела: најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио, а наградата за најдобра главна машка улога ја доби Златко Буриќ (хрватски актер со европска кариера и адреса во Данска). Наградата на Европската филмска академија, Остлунд ѝ ја посвети на младата јужноафриканската актерка и моделка Чарлби Дин – во филмот ја игра инфлуенсерката Јаја – која ненадејно почина во август на 32 години.

В петок, 7 јули, на програмата е филмот „Хилма“ (2022) во режија и сценарио на Ласе Халстром. Овој филм е прецизно направен биопик за Хилма аф Клинт, креативен гениј, уметница постхумно признаена како прва апстрактна сликарка во историјата на уметноста. На 8 јули публиката ќе го види „Совршен пациент“ (2019) во режија и сценарио на Микаел Хафстром. Овој долгометражен игран филм прикажува вистинита, контроверзна сторија на новинарот Ханс Растам за серискиот убиец Томас Квик. На 9 јули ќе го видиме „Едно убаво утро“ во режија и сценарио на Миа Хансен-Лав. Филмот е добитник на награда од престижниот филмски фестивал во Кан. На 10 јули ќе биде прикажан „Мојот живот како комичар“ во режија на Ројда Секерож, а по сценарио на Јонас Гардел. Во оваа шведско-белгиска копродукција, писателот Јонас Гардел го адаптира сопствениот бестселер на големото платно, автобиографската приказна за неговото созревање во Шведска во 1970-тите години. На 11 јули на програмата е „438 дена“ во режија на Јеспер Ганслант. Филмот, базиран на вистинските приказни на двајцата новинари, е храбро дело, визуелен проглас против диктатурата, апатијата и отуѓеноста на современиот човек. Ова беше еден од најгледаните шведски филмови во последниве неколку години. На 12 јули, пак, ќе биде прикажан „Клара Сола“ во режија на Натали Алварез Месен. Режисерката креира филм во кој ги сврзува магичниот реализам и психосексуалната драма. Филмот беше номиниран за статуетката „оскар“ во категоријата најдобар странски филм. В.Д.