Темата за европската интеграција на Западен Балкан доби друга димензија и стана прашање на безбедност, изјавија некои од учесниците на форумот во Софија

Меѓународен форум во Бугарија

Политичари, високи официјални претставници од ЕУ и од регионот и експерти учествуваа вчера на форумот за односите меѓу Европската Унија и Балканот „ЕУ се среќава со Балканот“, во организација на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ), кој се одржа во Софија. Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, кој имаше обраќање на панелот под наслов „Придобивки од интеграцијата“, се осврна на актуелниот геополитички момент во Европа и неговиот ефект со пошироки последици за Балканот од аспект на безбедноста, стабилноста и економската состојба, но и во светло на евроинтегративните процеси на државите од регионот.
– Во седмиците што следуваат, одлуките донесени на ниво на ЕУ ќе бидат од суштинско значење за иднината на Западен Балкан и неговата ЕУ-перспектива. Секое натамошното одложување на овој пат може да има сериозни регионални последици. Придобивките од интеграцијата во ЕУ се повеќекратни и ние ги живееме речиси 20 години, но тие треба да продолжат, да се негуваат и да се доведат на повисоко ниво – почеток на пристапните преговори, што следствено ќе има поголем трансформативен и мобилизациски ефект – потенцираше министерот Османи.
Темата за европската интеграција на Западен Балкан доби друга димензија и стана прашање на безбедност, рече европратеникот и копретседател на европските либерали АЛДЕ, Илхан Ќучук, за време на состанокот на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“ во Софија.
– Во време кога ЕУ е обединета, мора да се направи најсилниот и најголем чекор за нејзините вредности, а тоа е да ѝ се даде на Украина статус на кандидат за ЕУ во јуни – рече тој.
Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеи изјави дека почитувањето на владеењето на правото е клучен критериум за членство во ЕУ.
– Ако тука нема напредок, никаде нема да има напредок – изјави Вархеи.
Според него, процесот на проширување на ЕУ добил премногу национални димензии. Тој рече дека Европа мора да работи заедно за да спречи избувнување конфликти на Балканот.
Запишувањето на бугарското малцинство во македонскиот устав е услов што земјава мора да го исполни пред да започне преговори за членство во Европска Унија. Овој став денеска во изјава за медиумите, пред почетокот на форумот „ЕУ и Балканот“, го потврди министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска.
Таа појасни дека ваквиот услов за Македонија е утврден во декларацијата на Народното собрание и во решенијата на Консултативниот совет за национална сигурност
– Во оваа фаза, прво тие треба да го спроведат тоа, па потоа да се започнат преговори со нив. Не знам какви сигнали дал премиерот Кирил Петков, но ова е нашиот став – додаде Генчовска.
Специјални гости на настанот во Софија беа Федерика Могерини, ректорка на Колеџот на Европа и висока претставничка (2014-2019) на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, и еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеи. Министрите за надворешни работи на Турција, Република Македонија, Албанија, Косово и на Босна и Херцеговина разговараа за придобивките од евроинтеграцијата на регионот.