Германија: Динамичен пад на стандардот, цената на храната експандира
За Германија, и покрај нејзиниот неодамнешен нагорен тренд на инфлацијата (која секако не беше ни близу до оние од пред еден век – историските 29.000 отсто), сепак актуелните предизвици што ги донесе не треба да се потценат. Зголемените трошоци за енергија помогнаа да се активира рецесија, која ги нагласи економските слабости. Но паралелата од погоре и споредбата од пред еден век не се попусто споменати:
зголемениот пад на стандардот и сиромаштијата придонесоа во Германија повторното да оживеат екстремно десничарските политички сили…
Подготвил: Mарјан Велевски
До крајот на 1923 година, хиперинфлацијата ја направи германската валута толку безвредна што една жена употреби неколку милијарди германски марки за да направи карневалски фустан од банкноти. Фустанот е дел од изложбата во Историскиот музеј во Франкфурт, која предизвикува непријатност кај Германците, кои сега, поради војната во Украина, страдаат од најголемото поскапување од обединувањето на земјата.
– Не можевме да замислиме дека ќе биде толку релевантно – вели Натали Ангерсбах, кураторка на изложбата „Инфлација 1923. Војна, пари, траума“.
– Не сакаме инфлација, но вниманието што го имаме сега нѐ прави среќни – додаде таа.
Откако стана хит и кај младите и кај старите, изложбата доби пофалби од Филип Лејн, главен економист во Европската централна банка (ЕЦБ) со седиште во Франкфурт, која се бори да го намали растот на цените во 20-члената еврозона на 2 отсто.
За Германија, и покрај нејзиниот неодамнешен раст на инфлацијата, која секако не беше ни близу до оние 29.000 проценти или повеќе, кои брзо ги збришаа заштедите на домаќинствата пред еден век, сепак актуелните предизвици што ги донесе не треба да се потценат. Зголемените трошоци за енергија помогнаа да се активира рецесија, која ги откри економските слабости. Во меѓувреме, зголемената нееднаквост го поттикнува повторното оживување на екстремно десничарските политички сили.
По врвот на 11,6 отсто во октомври минатата година, инфлацијата во најголемата европска економија би можела да се намали до 6,4 отсто овој месец, според истражувањето на аналитичарите на „Блумберг“. Но зголемувањето на цените на сè, од бензин до путер, заедно со невидените зголемувања на стапките што ЕЦБ ги започна како одговор, се болни. И како што се приближува кон крајот, можеби тоа време ќе биде продолжено.
Економски импакт на политичките состојби
Традиционалната аверзија на Германците кон инфлацијата, вкоренета во тешкото искушение од 1920-тите, оживеа минатата година, откако благо се намали во претходниот период, покажаа анкетите.
Како и пред еден век, економските тешкотии што следуваа се покажаа како плодна почва за популизам. Поддршката за германската десно ориентирана партија АфД се искачи на рекордно високо ниво во последните месеци, позиционирајќи ја пред централно-левичарските Социјалдемократи (СПД) на канцеларот Олаф Шолц. Според Марсел Фрацшер, кој го предводи истражувачкиот институт ДИВ, симпатизерите на десната партија АфД се особено незадоволни од нивните животи и економија од просечните гласачи. Со стагнирање на германското производство, работите би можеле да станат уште полоши.
За сиромашните, скокот на инфлацијата беше особено изразен во трошоците за храна – кои сочинуваат поголем дел од нивните трошоци од побогатите домаќинства – чии цени се зголемија двојно побрзо од вкупните цени.
Во Франкфурт, во сенката на облакодерите во кои се сместени некои од најголемите европски банки, банката за храна „Франкфуртер тафел“ беше сведок на катастрофата од прва рака. Барањата за помош се зголемија толку многу што добротворната организација беше принудена да го запре понатамошниот проток на корисници. Иако има доволно простор за складирање, донациите не се во чекор со побарувачката.
– Едно време останаа само еден кромид и три моркови, а чекаа четири семејства, кои потоа почнаа да се караат за нив – рече портпаролката Нилаб Алокузај-Кисингер, гледајќи во празните полици на магацинот.
Се проценува дека цените нема да имаат надолен тренд
Инфлацијата би можела дополнително да забави, но цените веројатно нема да паднат.
– Постои перцепција дека вкупната инфлација се намалува – изјави претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, за ТВ Блумберг минатата недела.
– Често е случај кога е потребно повеќе време за да се намали базичната инфлација. Тоа би можело да биде можно сценарио. Но мора да почекаме за септемвриските бројки – додава тој.
Во исто време, Владата ги намалува мерките за поддршка што им помогнаа на граѓаните да ги задржат сметките за парно ниски откако војната во Украина ги зголеми цените на енергијата.
Шолц е оптимист дека инфлацијата може да се надмине, оценувајќи дека Германија е „совршено способна да ги надмине проблемите на нашето време“. Иницијативите вклучуваат брза инсталација на терминали за течен природен гас за да се намалат трошоците за енергија и инвестиции во зелена транзиција за да се задржи електричната енергија евтина за индустрискиот сектор, кој претходно стана зависен од евтиниот гас од Русија.
Канцеларот е исто така многу пркосен кога станува збор за подемот на АфД.
– Нема да можеме да избегнеме да заземеме став и да кажеме дека ги браниме демократијата и слободата што ги постигнавме – рече Шолц претходно во обраќање минатиот месец.
Во музејот во Франкфурт посетителите учат за опасностите од печатењето пари, а меѓу нив е и Клаус Мур, пензионер што дома чува кутија со милиони обезвреднети марки на својот дедо.
– Се надевам дека нема да биде толку лошо како што беше тогаш. Имам добра пензија, но можам да замислам дека многу семејства, особено оние со деца, тешко се справуваат со денешните поскапувања – заклучува Мур.