Фото: Илустрација/Принтскрин

Борците на „Вагнер“ се огласија преку видеоснимка на социјалните мрежи додека многумина се прашуваат како тие ќе реагираат по смртта на шефот на платеничка група Евгениј Пригожин и нејзиниот соосновач Дмитриј Уткин, во вчерашното уривање на приватен авион во близина на Москва.

– Многу се зборува за тоа што ќе направи „Вагнер“ во оваа ситуација. Ќе кажеме едно. Веќе сме на пат. Чекајте нѐ – се вели во видеото објавено на каналот на Телеграм „Сива зона“, во кое се тврди и дека Пригожин бил убиен од „предавници на Русија“.

Но, аналитичар на „Би-би-си“ накратко коментира дека без Пригожин, „Вагнер“ во сегашната форма е завршен.

Претставници на рускиот граѓански транспорт потврдија дека авионот „Ембраер Легаси“ летал меѓу Москва и Санкт Петербург и превезувал седум патници и тројца членови на екипажот. Нивните имиња се објавени.

Меѓу патниците беше и Валери Чекалов, близок соработник на Пригожин, кој беше ставен на списокот на санкционирани лица од Русија од страна на американското Министерство за финансии бидејќи „обезбедувал испораки на муниција во Руската Федерација за Пригожин или во негово име“.

Според првичните информации, сите во авионот загинале. Русија започна истрага за причините за падот на авионот.