(Не)вистини и шарени лаги… од и за ЕУ

Не бевме наивни ниту во 2003 година, но некако имавме повеќе верба во принципиелноста и вредностите што ги декларираше ЕУ, како сериозна политичка меѓународна институција, која здраворазумски ќе влијае врз Грција, укажувајќи ѝ дека нејзиното однесување спрема Македонија е ирационално и спротивно на сите стандарди на меѓународното право и на принципите во повелбата на Обединетите нации, па и на основачките акти на ЕУ… Но Македонија нема веќе простор за уставни отстапки во име на „повисоки интереси“, а нема ни доверба во ветувањата што не ги обврзуваат ниту ЕУ ниту нејзините земји-членки, туку само македонскиот народ

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, деновиве уште еднаш, преку социјалните мрежи, на Твитер, порача дека Македонија (што таа ја именува со географска одредница) – ѝ припаѓа на ЕУ. Еден ден во 2003 година, речиси уште на врата влегувајќи дома, мајка ми радосно ми соопшти: „Готово, решија да нѐ примат во ЕУ!“

Дваесет години подоцна, се покажува дека „радосното соопштение“ на мајка ми сепак било „лажна вест“, иако засновано на тогашните известувања и изјави во медиумите од самитот на ЕУ во Солун, во таа 2003 година. Моменталната лична дилема во врска со македонската стратегиска определба за ЕУ (иако постојано нѐ убедуваат дека „големата слика“ е над личните интереси, перцепции и уверувања, па дури и „недофатлива“ за обични личности) е дали можам денес да ѝ верувам на Фон дер Лејен (мајка на седум-осум деца) ако се покажало дека не требало да ѝ верувам ниту на сопствената мајка пред 20 години. Зошто да ѝ се верува на Фон дер Лејен кога го „поздравува поднесувањето на уставните амандмани од Владата (македонска) во парламентот и се надева дека сите страни ќе го поддржат придвижувањето на Македонија во ЕУ“, кога некој нејзин претходник во 2003 година лажно ја уверил мајка ми дека „сѐ е готово, решија да нѐ примат во ЕУ“?

Во интерес на реалноста во „приказните“, мајка ми воопшто не беше наивна (па, ниту јас, иако 20 години помлада) ниту во 2003 година, за да ја земе(ме) „здраво за готово“ тогашната солунска европска еуфорија, во време кога спорот со Грција беше „на најјако“, што дури беше изземена од тогаш актуелните шенген-визи за влез на македонските граѓани во ЕУ. Шенген-визите беа гранична политика на ЕУ спрема не-ЕУ земјите, така што виза за влез во една земја на ЕУ важеше за сите земји членки. Но Македонците во Грција можеа да влезат со таква виза, ама издадена на посебен лист во грчката амбасада во Скопје.

Значи, не бевме наивни ниту во 2003 година, но некако имавме повеќе верба во принципиелноста и вредностите што ги декларираше ЕУ, како сериозна политичка меѓународна институција, која здраворазумски ќе влијае врз Грција, укажувајќи ѝ дека нејзиното однесување спрема Македонија е ирационално и спротивно на сите стандарди на меѓународното право и на принципите во повелбата на Обединетите нации, па и на основачките акти на ЕУ. И покрај многубројните епизоди со неевропскиот однос на ЕУ спрема Македонија и таа 2003 година, луѓето во неа веруваа во правдољубивоста, чесноста и декларирањето на желбата за рамноправност и еднаквост на сите што припаѓаат или сакаат да влезат во „европското семејство“, како што се нарекуваа во Унијата. Навистина, подоцна во ЕУ го сменија наративот, па наместо „семејство“, почесто се споменува дека всушност биле „клуб“. И бидејќи се „клуб“ (елитен, секако), на земјите-членки им се дозволува да не ги почитуваат ниту принципите на Унијата, ниту на меѓународното право и да ги малтретираат земјите-кандидати, надвор од сите критериуми воспоставени како своевидни „закони за проширување“ на ЕУ.

И повторно, во интерес на реалноста во раскажувањето, речиси сите, и ЕУ и земјите од Западен Балкан, заборавија на тој самит во Солун во 2003 година, кога на Македонија и другите земји во регионот им беше првпат официјално кажано дека „ѝ припаѓаат на ЕУ, географски, историски… и секако“. Но, сеќавањето на тој самит одненадеж воскресна како повод за некаква неформална вечера во Атина на лидерите од Југоисточна Европа (значи на земјите-кандидати од Западен Балкан, но и со неколку веќе членки на ЕУ), на која им се придружија и Украина и Молдавија, како нови земји-кандидати. Во чест на нереализираната агенда од Солун во 2003 година, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на 21 август во Атина ја организираше таа неформална вечера, но очигледно со многу формални амбиции, од која произлезе и декларација во која беше заклучено „дека е неопходно да се заокружи визијата за ЕУ збогатена од Западен Балкан, Украина и Молдавија“. Без таа декларација, колку и да е неформална, одржувањето на лидерската вечера во чест на 20 години од самитот на ЕУ во Солун, ќе беше само отворена прослава на хипокризијата на ЕУ. Неисполнетата „солунска агенда 2003“ очигледно се надградува во некаква „атинска агенда 2023“, како своевидно привремено решение-одговор на ЕУ (секако, без обврска за исполнување) на актуелните геополитички предизвици со војната во Украина.

Оттаму, од Атина, веројатно и Урсула фон дер Лејен, претседателката на ЕК ги „поздрави“ и уставните измени што влегле во процедура во македонското собрание. „Поздравените“ уставни измени, за кои на првата пленарна седница се покажа дека нема двотретинско мнозинство, треба да бидат деветти од усвојувањето на Уставот на независна Македонија, во 1991 година. Речиси сите претходни измени на Уставот биле во име на (по)брза интеграција на Македонија во ЕУ. Во меѓувреме, членки на ЕУ станаа земји што беа далеку зад Македонија според уставноправните стандарди и политички практики во времето кога се започнуваше евроинтегративниот пат. Во тоа исто меѓувреме ЕУ покажува дека и самата се откажува од принципите, критериумите и вредностите што ги бара од земјите-кандидати и станува инструмент за моментални геополитички решенија. Но Македонија нема веќе простор за уставни отстапки во име на „повисоки интереси“, а нема ни доверба во ветувањата кои не ги обврзуваат ниту ЕУ ниту нејзините земји-членки, туку само македонскиот народ.