Светот треба да дејствува веднаш за да се заштитат најранливите групи од ширење на гладот на Рогот на Африка, соопшти Дејвид Бизли, извршниот директор од програмата за храна на ОН
Милиони луѓе се соочуваат со глад поради сушата на африканскиот континент
На 22 милиони луѓе, кои живеат во сушниот и опустошен предел на Рогот на Африка, им се заканува глад, предупредија од Светската програма за храна (ВФП). Недоволните количества врнежи во Кенија, Сомалија и во Етиопија ја предизвикаа најголемата суша во последните 40 години, во најтешко погодените подрачја, соопштија од хуманитарната организација. Во првата половина од годинава, во овие три држави воопшто не паднало дожд, а бројот на жители на кои им е потребна помош во храна постојано расте. Четири дождовни сезони потфрлија во приливот на вода, а овој дел од Африка се соочува со рекордно сушен период, соопштија од агенцијата на ОН.
Поради сушата, загинаа голем број грла домашни животни, а уништени се посевите на локалното земјоделско население, што предизвика принудна миграција на 1,1 милион луѓе во потрага за вода и храна. Војната во Украина дополнително влијаеше на порастот на глобалните цени на храната и горивото, а испораката на овие продукти станува прескапа за сиромашните земји. Третина од светскиот извоз на пченица отпаѓа на Русија и на Украина, а Русија притоа е и најголем извозник на ѓубривата што се користат во земјоделството.
– Светот треба да дејствува веднаш за да се заштитат најранливите групи од ширење на гладот на Рогот на Африка – соопшти Дејвид Бизли, извршниот директор од програмата за храна на ОН.
Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, во саботата изјави дека светската организација соработува со САД и со Европската Унија за надминување на пречките, што би требало да овозможи и прехранбените производи и ѓубривото да дојдат до светските пазар.
Гутереш рече дека во согласност со договорот постигнат во јули во Истанбул со посредство на Турција и на ОН за продолжување на извозот на украинското жито, повеќе од 650.000 метрички тони жито и друга храна веќе се извезуваат.
– Другиот дел од овој пакет договори е непречениот пристап на глобалните пазари на руската храна и на ѓубривата, кои не се предмет на санкциите. Извозот на поголеми количества храна и вештачки ѓубрива од Русија и од Украина е клучно за смирување на стоковните пазари и за постигнување пониски цени за потрошувачите – изјави Гутереш во Истанбул, каде што го посети заедничкиот Координативен центар за надзор на бродскиот извоз од црноморските пристаништа.
СAД планираат да купат 150.000 метрички тони украинско жито за дистрибуција до сиромашните земји преку Светската програма за храна на Обединетите нации. Шефот на програмата, Дејвид Бизли, за време на посетата на Кенија на 20 август, за АП изјави дека допрва треба да се утврдат крајните дестинации за житото. Бродот со 23.000 метрички тони украинско жито се очекува да се закотви во Џибути на 26 или 27 август. Се очекува пратката да обезбеди оброци за 1,5 милион луѓе во Рогот на Африка за период од еден месец.
Украина беше изворот на половина од житото што ОН го користеше за да нахрани околу 130 милиони луѓе минатата година, но пратките беа запрени кога украинските пристаништа беа затворени по рускиот напад. Во јули, Русија и Украина постигнаа договор со посредство на ОН за конечно рестартирање на извозот на жито. Оттогаш, околу 25 брода ги напуштија украинските пристаништа и носеа жито. Бизли ги повика земјите од Персискиот Залив да го следат примерот на САД и да финансираат помош во храна, „особено затоа што тоа се нивни соседи, тоа се нивните браќа“.
Дваесетина брода испловија од украинските пристаништа по подигнувањето на блокадата на Црно Море кон крајот на јули. Но засега само еден брод натоварен со жито тргна кон Африка, поконкретно во Џибути и во Етиопија, објави „Дојче веле“.
– Се обидуваме да ги снабдиме луѓето колку што е можно повеќе. Имаме малку средства, малку намирници, но се обидуваме да направиме приоритети и да им помогнеме на оние што се тековно загрозени – изјави Мартин Фрик, директор на програмата за Германија, Австрија и за Лихтенштајн.
Отворањето на поморскиот пат за испорака на житото ги намали трошоците за транспорт за десет отсто, но тие сѐ уште се повисоки во однос на претходната година. На забелешката зошто само еден брод досега се упатил за Африка, објаснувањето е дека досегашните испораки на украинското жито за Турција, Италија, Ирска и за Кина биле нарачани од порано, а договорите морале да се почитуваат!
Украинската пченица покривала околу 16 отсто од потребите на африканските земји, а некои од нив годишните потреби за жито целосно ги увезувале од Украина и од Русија. Според Нонседо Вутула, стручњак за меѓународна трговија од Кејптаун, тоа ги прави особено ранливи некои земји од Африка.
Подготвил: Митко Јовановски