Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска остро ја критикуваше Кина, тврдејќи дека Пекинг води „агресивна“ надворешна политика и презема „репресивни“ акции.
Обраќајќи им се на претставниците во Парламентот, три дена по нејзината посета на Пекинг, Бербок рече дека, иако Кина сè уште е најголем трговски партнер на Германија, таа е исто така конкурент и системски ривал на западните демократии.
– За жал, мојот впечаток беше дека се повеќе се зголемува аспектот на системско ривалство. Не само затоа што Кина се однесува поофанзивно и поагресивно во странство, туку станува порепресивна и дома – рече германската министерка.
Таа откри дека за време на нејзината дводневна посета на Кина, не ги користела своите мобилни телефони и морала да ги држи заклучени во мал куфер од безбедносни причини.
Бербок истакна дека Германија ќе ги ребалансира односите со Кина, согласно новата стратегија на Европската унија кон оваа земја.
– Би сакале да соработуваме со Кина, секаде каде што е можно. Но, не сакаме да ги повторуваме грешките од минатото. Не сакаме да бидеме наивни и да веруваме дека промената ќе дојде преку трговијата – изјави Бербок.