Антибугарскиот бран во Македонија одамна се претвори во антиевропски, изјави Екатерина Захариева, поранешната буграрска вицепремиерка и министерка за надворешни работи, во интервју за БГНЕС, пред изборите в недела на кои е носителка на листата на ГЕРБ во Пазарџик.
Таа додаде дека граѓаните на Македонија до ден денес се жртви на комунистичката југословенска пропаганда на омраза кон Бугарија, како и дека во Брисел разбираат оти „македонизмот е неспоив со европските вредности и дека не му е местото во ЕУ“.
– Треба да бидеме наивни за да речеме дека Брисел не ја разбира нашата загриженост. Урсула фон дер Лејен тешко дека ќе заборави како ја пречекаа во парламентот на Северна Македонија – со плакати „Предавници на народот“, „Народот рече НЕ, свестете се“, „Јазикот е идентитет“, „Деца на заевизмот, вие го враќате фашизмот“. Одамна антибугарскиот бран стана антиевропски. Сите знаеме кој има интерес од ова, кој не сака Северна Македонија да влезе во Европската Унија и кој сака Балканот да остане нестабилен – вели Захариева.
Прашана за однесувањето на навивачите на фудбалскиот натпревар на репрезентациите на двете држави во Скопје, Захариева порача дека на политичарите во Скопје едно треба да им биде јасно дека ЕУ гарантира подобар живот за нивните граѓани и тие го сакаат токму тоа. Наместо да одат по патот на добрососедството, вели Захариева, тие сѐ уште се жртви на комунистичката југословенска пропаганда на омраза кон Бугарија.
– Затоа сакаме оваа земја да ги отвори своите архиви на тајните служби, да се исчисти од поранешните комунистички полициски агенти во нејзините редови, да го отстрани јазикот на омраза од учебниците и медиумите. Никој не ги бира соседите, нема шанси да ги придвижиме нашите земји понатаму, па затоа е смешно и одвратно да се живее вака – во омраза. А кој и да го поттикне тоа ќе биде најстрого казнет, ако не сега, тогаш во историјата – додава поранешната шефица на бугарската дипломатија.