Фото: Фејсбук / Александар Вучиќ

Во Тирана се одржува првиот самит на земјите-членки на Европската унија и земјите од Западен Балкан, на кој по неколкудневна неизвесност присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Тој на новинарите во Тирана им порача дека е подобро да се биде „на масата отколку на менито“, јави дописникот на МИА од Белград.

– Важно е, не само поради пријателството со Албанија и „Отворен Балкан“, секогаш е подобро кога сте на маса, оти ако не сте на масата, тогаш обично сте на менито и ова е добра можност да ги чувате интересите на Србија – изјави Вучиќ, во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан.

Тој на новинарите им изјави дека Србија останува посветена на процесот на дијалог со Приштина и на процесот на европска интеграција, а во исто време штитејќи ги своите национални и државни интереси. Тој кажа дека дошол да го објасни ставот на Србија и да го слушне ставот на лидерите на ЕУ.

– Јас сум реалист, тука сум да научам многу од луѓето од ЕУ, да ги слушам и конечно да ја објаснам позицијата на Србија – истакна српскиот претседател.

Вучиќ повтори дека властите во Србија се свесни за обврските што ги презеле во рамките на евроинтеграциите, дека е свесен дека Србија се обврзала да ги усогласи своите одлуки со одлуките на Европската унија, но нагласи и дека територијалниот интегритет на Србија бил прекршен „на најлош можен начин во 1999 и 2008“ и дека и за тоа ќе разговара со претставниците на ЕУ.

На новинарско прашање да ги коментира критиките дека Србија е премногу блиска до Русија, Вучиќ рече дека Србија е независна земја на европскиот пат и така ќе остане.

– Србија е независна земја. Ако на некои им е полесно да не критикуваат и да кажат дека сме блиску до Русија, тоа е она што Лајбниц го нарече доволна причина – да критикуваш некого кога ништо немаш да додадеш. Верувам дека сите прочитавте, а некои и напишаа, дека Србија во последните осум, девет месеци се подготвуваше, по инструкции на Руската Федерација, да нападне други земји на Балканот, да предизвика нестабилност и неизвесност. Ние тоа го демантиравме, не со изјави и декларации, туку со дела – кажа Вучиќ.

Вучиќ најави дека одделно ќе се сретне со премиерката на Италија и со премиерите на Холандија и Белгија. Тој веќе се сретна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

– Имав многу добар разговор со Урсула фон дер Лајен. Се заблагодарив за 165 милиони евра помош за српскиот енергетски сектор и разговарав за сите актуелни прашања меѓу Србија и ЕУ – напиша Вучиќ на Инстаграм со фотографија од средбата.

Разговарав и со мојот пријател Еди Рама за иницијативата Отворен Балкан и нашите заеднички прашања, исто така напиша Вучиќ.