Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој ѝ се обрати на јавноста по повод разговорите меѓу Белград и Приштина одржани во четвртокот во Брисел, рече дека клучната порака до Србите на Косово е дека, без разлика на сè што ќе биде, бегалски колони нема да има, јави дописникот на МИА од Белград.

– Нема каде да одиме, заглавени сме во ќоше. Ќе го спасиме нашиот народ од прогон и погроми, ако тоа не го сака НАТО – нагласи Вучиќ.

Зборувајќи за преговорите во Брисел, тој изјави дека „Албанците сами решиле да спроведат еднострани акции“ и дека Приштина има две цели – укинување на српската држава во Косово и протерување на Србите.

Белград предложи КС (Косово) таблички кои се статусно неутрални, изјави Вучиќ, но Курти рече дека сите мора да имаат „РКС (Република Косово) таблички“.

– Дојдовме и до документите и намерата на Албанците е – сакаме да ви издадеме документ каков што вие нас ни давате, за да транзитирате во трета земја. Рековме – нема проблем, во ред е. Но, не можете да му го издадете тој лист на Србин од Косово, бидејќи тој не припаѓа на друга држава, и не оди во трета земја – кажа тој.

– Поентата на се ова е што ние и да прифатиме или не прифатиме, тие отфрлаат се – рече Вучиќ и побара од НАТО да си ја заврши работата, да им обезбеди мир на Србите на север, за да не бидат загрозени од албанската полиција.

– На вас е да се погрижите бандата да не го премине Ибар. За вас проблем се барикадите, а не криминалните одлуки – посочи Вучиќ и потсети дека за влез на северно Косово мора да се бара одобрение од градоначалникот.

Идејата на Албанците, кажа Вучиќ, била да се оди на „општ договор во шест точки“.

– Тој се состои од следново: 1 – општи принципи на билатерални односи и меѓусебно признавање, влез во меѓународни организации 2 – решавање на проблеми од минатото (решавање на проблемот на исчезнатите, утврдување и решавање на проблемот на силувани и раселени лица, уништување на приватен и јавен имот и враќање на уметнички артефакти, финансии, т.е. воени репарации, 3 – соработка во иднина, 4 – исти односи и права на Србите на Косово и Метохија како на Албанците во Прешево, 5 – преиспитување на претходно договорените договори, на што луѓето од ЕУ реагираа негативно. Она што не им се допаѓа, како ЗСО, да го преиспитаме оти тог аш имало криминална влада 6 – Ова не е нов лист, содржината ја имавме претходно. Тоа е она што тие го бараат од Србија – рече српскиот претседател.

Сѐ што предложи српската страна, изјави Вучиќ, на крајот не беше прифатено.

Тој кажа и дека е засилена „секаков вид разузнавачка активност на северот на Косово“.

– На време ги информиравме лицата кои се на списокот за ликвидација што го креираше режимот на Приштина, а кои одредени надворешни служби тивко или со климање со главата го одобрија. Група Чеченци и Черкези, блиски до противниците на Рамзан Кадиров. Набљудување на ситуацијата на север, регрутирање Албанци да се борат во Украина. Тие на 3 август се сретнале со турски државјанин во Зубин Поток. Групата изрази интерес за ситуацијата, подготвеност да се конфронтира со властите во Приштина, како и на кој начин да можат да обезбедат информации до други странски разузнавачки служби за да ги неутрализираат вооружените групи Срби на северот – кажа српскиот претседател.

Вучиќ во четвртокот од Брисел, каде што учествуваше на разговорите меѓу Белград и Приштина, рече дека е тоа е тежок ден за Србија и истакна дека ќе продолжи да се бори за мир и стабилност.

За десет дена, според најавите, Приштина ќе ги спроведе одлуките за пререгистрација на возилата и личните карти од кои првично се откажа на крајот на јули.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, реагираше на соопштението на Приштина и оцени дека со политичките структури во Приштина управуваат екстремисти кои воопшто не ја препознаваат вредноста на дијалогот и мирното решавање на проблемите.

Мисијата КФОР реагираше на зголемените тензии. Од таму соопштија дека долж административните премини Јариње и Брњак го зголемува своето присуство и патролирање за да ја зголеми свеста за состојбите. Подготвени се, како што додаваат, да интервенираат доколку има потреба.