Фото : МИА

Како што објавивме неодамна, бугарските власти планираа да испратат околу 18.000 Украинци што се сместени во хотелите на бугарскиот морски брег во различни региони низ државата до 1 јуни, наводно, бидејќи хотелските капацитети требало да се испразнат пред почетокот на туристичката сезона. Но наместо тоа, возовите за внатрешноста на Бугарија се всушност празни, јавуваат медиумите. Притоа се пренесуваат зборовите на директорката на Државната агенција за бегалци, Маријана Тошева, која нагласува дека бегалците одбиваат да се преместат „без валидни причини“.
– Денеска очекувавме 250 луѓе да пристигнат на станицата во Варна, само петмина од нив дојдоа. Желба да си заминат изразија 300 луѓе од Бургас, од нив дојдоа 57 – рече Тошева.
Според бугарските медиуми, другите објасниле дека планираат да се вратат во татковината, да изнајмат стан или да останат кај пријател.
Новинарите на железничката станица во Варна рекоа дека има добро ниво на организација, со коридори за Украинците, добра безбедност, тимови од бугарскиот Црвен крст и невладини организации подготвени да обезбедат вода и закуски, детско игралиште и посебен медиум, но Украинците не прифаќаат да ги напуштат морето и хотелите и да се преселат на друга локација.

Масовно враќање дома

За состојбата со украинските бегалци зборува и веста што ја потврдуваат официјални државни институции. Украинците масовно ја напуштаат Бугарија и се враќаат дома, велат информациите од бугарската гранична полиција и организацијата на доброволци што им помага на овие луѓе што ги напуштиле домовите поради војната. Омразата и хаосот се главните причини поради кои бегалците од Украина масовно си заминуваат од Бугарија и главно решаваат да се вратат дома. Исто така, си одат и поради неизвесноста што ќе стане со нив по први јуни, кога треба да ги напуштат хотелите и другите објекти во кои се привремено сместени.
– Продолжува тенденцијата од Бугарија да заминуваат повеќе Украинци отколку што влегуваат – изјави портпаролката на граничната полиција Лора Љубенова.
Медиумите само за едно деноноќие и само на пунктот Дуранкулак преброиле 27 преполни автобуси со украински регистрации што преминале во Романиja. Во истиот период, во Бугарија влегле само седум автобуси со украински бегалци, повеќето од нив со по 10-15 луѓе. За друг ден податоците велат дека влегле 2.165 украински бегалци, а Бугарија ја напуштиле 3.563. Ако од почетокот на војната во Бугарија дошле 284.329 Украинци, а денес има помалку од 95.000, тоа значи дека вкупно 190.000 Украинци решиле дека во разрушената татковина во која беснее војна е подобро отколку во Бугарија.
Дури оваа недела, Државната агенција за бегалци почнала да ги анкетира луѓето за нивните намери и желби да останат во земјата по 31 мај. Само околу 30.000 бегалци од Украина изјавиле дека ќе останат во Бугарија.
Иако хотелите, кои добиваат државна помош, веќе почнуваат да ги рекетираат бегалците со доплата од 15 лева дневно без да им понудат оброк, државата ветува дека никој нема да биде оставен на улица.
Сепак, државата не може постојано да помага. Ќе им се помогне само на најранливите групи. Бегалците од хотелите по море ќе се превезуваат до сместувачките бази во внатрешноста на државата со БДЗ.

Хаос и паника меѓу бегалците

Наспроти заднината на државниот оптимизам, луѓето што помагаат на терен известуваат за хаос и паника меѓу бегалците, што е една од причините зошто многу луѓе претпочитаат да се вратат во Украина, каде што војната продолжува.
– Луѓето се целосно дезориентирани, немаат информации, никој не им кажува каде ќе бидат преместени. Еден од бегалците ми кажа дека во нивниот хотел доаѓаат по десет возила на брза помош дневно, бидејќи луѓето што се под стрес од војната добиваат дополнителен стрес, немаат информации за својата иднина и се во лоша состојба, благо кажано – изјави за Офф њуз Евгенија Волкова од „Украинската куќа“ во Варна.
Државната агенција ангажирала луѓе без никакво познавање на украинскиот или рускиот јазик како интервјуери. Дојде до тој степен што ги напуштија хотелите без да можат да интервјуираат ниту еден човек поради јазичната бариера. Затоа тие побараа од „Украинска куќа“ волонтери да преведуваат за интервјуерите.
„Со својата незавршена програма, властите ги натераа луѓето да бегаат во своите домови, иако таму има војна, па дури и во помирните области нема гаранција за безбедност“, напиша Украинката Розалија Георгиева на својот фејсбук-профил, со фотографија од автобусите што заминуваат. „Некои од нив одат во Украина, а потоа во друга земја, каде што е можна интеграција, други се враќаат дома, изложувајќи ги своите деца на опасност. Со какво срце се враќаат луѓето, со каков впечаток од Бугарија? Дали некој од нив е заинтересиран? Луѓето не очекуваа вакво добредојде. Не очекуваа толку многу русофили, глупости на лажните руски медиуми, омраза и завист кај локалното население и на крајот преселба. Разговарав со луѓето што си заминуваат. Луѓето си ги земаат своите впечатоци дома. Благодарност до оние што ги израдуваа малку. Срам за властите“, заклучи таа.
Нејзините зборови најдобро ги опишуваат причините за заминувањето на Украинците.