БДП значително порасна, но Бугарија и натаму е најсиромашната членка на ЕУ

Во јануари се навршуваат 15 години откако Бугарија и Романија станаа дел од европскиот блок, што претставува период исполнет со подеми и падови. Парите пристигнаа и во овие две источноевропски земји, кои бележат постојан пораст на животниот стандард, како и многу промени во спроведувањето реформи во сите области на јавниот живот, од економијата до многу потребната ревизија на правосудните системи. Сепак, двете земји и натаму се на дното во блокот по однос на платите, транспортната инфраструктура, здравството и образованието

Во јануари се навршуваат 15 години откако Бугарија и Романија станаа дел од европскиот блок, што претставува период исполнет со подеми и падови. Романија и Бугарија во изминатите 15 години забележаа бавен, но постојан пораст на животниот стандард, како и многу промени во спроведувањето реформи во сите области на јавниот живот, од економијата до многу потребната ревизија на правосудните системи. Застарениот и закоравен бирократски систем, културата на клиентелистичка политика и измамите со европските фондови ја нарушија севкупната слика за пристапување на двете земји. Сепак, тие успеаја да инкасираат десетици милијарди евра од Брисел, пари што беа наменети за изградба на нова инфраструктура и проширување на нивните економии. Според претставништвото на Европската комисија во Букурешт, од почетокот на членството Романија добила финансии од ЕУ во висина од 62 милијарди евра и уплатила 21 милијарда евра во буџетот на Унијата.

Значителен скок на БДП

Покрај тоа што Бугарија и Романија сè уште имаат некои од најниските плати во ЕУ, нивниот БДП значително порасна. Бугарија го зголеми двојно, а Романија тројно. Сепак, двете земји и натаму се на дното во блокот по однос на платите, транспортната инфраструктура, здравството и образованието. Бугарија сè уште е најсиромашната членка, а веднаш зад неа е Романија. Во двете земји, продуктивноста на работата и конкурентноста се на најниско ниво. Здравствените системи во двете држави постојано се најлошо рангирани во ЕУ, според потрошувачкиот индекс за европско здравство. Романија со 661 евро по жител и Бугарија со 626 евра по жител трошат помалку на својот здравствен систем од која било друга европска земја, според „Евростат“, и заостануваат многу зад водечките земји како Луксембург, Шведска и Данска, кои годишно имаат здравствени трошоци од над 5.500 евра по жител. Последниот здравствен извештај на Европската комисија исто така ги става земјите од Југоисточна Европа на последните места во однос на севкупниот животен век на нивните граѓани. Романците и Бугарите сега се соочуваат со зголемување на предвремени смртни случаи за разлика од претходно.
Сепак, членството во ЕУ им помогна на двете земји да останат на вистинскиот пат. Многу е веројатно дека надзорот на Европската комисија ѝ помогна на Романија да одржи функционален систем на владеење на правото, особено за време на протестите од 2017 до 2019 година. Тогашната владејачка партија се обиде да го промени кривичниот законик за да им помогне на своите сопартијци да ги избегнат обвиненијата за корупција, што го навлече гневот на Брисел, кој предупреди дека Букурешт се оддалечува од владеењето на правото и дејствува против нормите на ЕУ. Членството во ЕУ ги спротивстави корупциските тенденции на политичките класи во двете земји, но во исто време тие сè уште не се прифатени во шенген-зоната.

Далеку од влез во шенген-зоната

Во Романија, официјални лица велат дека земјата со години е подготвена да се приклучи во шенген-зоната. Покрај тоа што сега ја уживаат поддршката од Европскиот парламент, Бугарија и Романија минаа трнлив пат во обидот да ѝ се приклучат на зоната. Откако беше постигната согласност во Европскиот парламент, во јуни 2011 година, да им се даде зелено светло на земјите, Советот на министри ја отфрли одлуката во септември истата година, при што француската, холандската и финската влада се повикаа на загриженост за слабостите во антикорупциските мерки и на борбата против организираниот криминал.
Романија и Бугарија исто така не се дел од еврозоната, покрај нивниот интерес за приклучување. Романија се движеше напред-назад во различни фази од процесот на пристапување во изминатите 15 години откако стана дел од ЕУ, наведувајќи планови и поставувајќи многубројни рокови за пристапување во еврозоната. Земјата заостанува во подготвеноста да ја усвои единствената валута. Романија претходно ја постави 2024 година како краен рок за приклучување во еврозоната, но шансите да се оствари тоа се мали, па официјалните лица го поместија тој рок за 2027-2028 година.
Од друга страна, Бугарија беше примена во Механизмот за девизен курс (ЕРМ 2), што е првиот чекор кон приклучување во еврозоната. Бугарските власти го одредија 1 јануари 2024 година како датум за влез. Владините претставници рекоа дека нема да има преоден период и дека националната валута и еврото ќе циркулираат истовремено еден месец, а бугарскиот лев ќе биде повлечен од оптек на почетокот на февруари 2024 година.