Косово
Затворени се сите „паралелни институции поврзани со Србија“ во Косово, потврди косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља, додавајќи дека се затворени „паралелните општини на Србија“ во Липјан, Обилиќ, Приштина, Косово Поле, Вучитрн, Ново Брдо, Каменица, Витина, Ораховац, Скандерај, како и илегалната пошта и даночната канцеларија.
– Со заедничка акција на МПБ и ПК, како и МИНТ и МАПЛ, се завршува ерата на српските општини и паралелните криминални институции во Република Косово. Нема да дозволиме никаква паралелна, а особено криминална активност на Србија што би ги загрозила Уставот и правниот поредок во нашата земја – напиша Свечља на Фејсбук.
Во градовите и населените места каде што живее српската заедница на Косово дејствуваа општини, компании, градинки, основни и средни училишта и јавни универзитети што беа директно финансирани од српската влада, а кои според косовските закони беа третирани како незаконски.
Наведените институции во изминатиот период постепено беа затворани, а косовската влада во неколку наврати потенцираше дека со укинувањето на „паралелните српски институции“ настојува да воспостави ред и закон, особено на северот на Косово, каде што Србите се мнозинско население.
Мисијата на Европската Унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) објави дека привремено ќе ја засили својата специјализирана полициска единица (СПJ) со распоредување припадници на европските жандармериски сили од Франција, Италија, Литванија и Португалија. Според соопштението, станува збор за припадници на француската национална жандармерија, италијанските карабинери, литванската служба за јавна безбедност и португалската Национална републиканска гарда. Ова е петти пат ЕУЛЕКС да ги распоредува своите сили на СПЈ, додека првото распоредување е забележано во март 2022 година. Р.С.