Доколку се разгледаат деловите од објавеното, од следната година (ако предлогот биде прифатен) Косово ќе го признаат петте земји на Европската Унија што се уште не го признале, а Србија ќе има огромна финансиска и економска помош и ќе биде признаена како сила во регионот. Документот наречен „Новата рамка“ (кој, наводно, дошол во посед на „Албанијан пост“) е нов предлог што „произлегол директно од вклучувањето на Макрон и Шолц во процесот на дијалог, бидејќи, како што се вели во документот, Косово и Србија сами никогаш нема да можат да го решат проблемот“…

Пред два дена, порталот „Албанијан пост“ објави ударен текст, со ознака „ексклузивно“, во кој наведува дека наредната, 2023 година, мора да биде потпишан договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, со кој Србија всушност ја прифаќа реалноста на Косово како независна држава, но без да го признае формално. Во подоцнежна фаза, хипотетички по десет години, кога ЕУ ќе биде подготвена да се прошири и да го вклучи Западен Балкан, ќе се постигне договор за меѓусебно признавање, како предуслов за членство на двете земји во ЕУ. Ова е планот претставен во новата рамка за договорот меѓу Косово и Србија, кој е создаден по ангажманот на советниците на претседателот Емануел Макрон и канцеларот Олаф Шолц, до кој дојде „Албанијан пост“.
Интересно е дека засега нема официјална потврда од косовска или српска страна или, пак, од меѓународните посредници што се споменуваат како креатори на предлогот. Засега нема речиси никакви реакции во српската јавност, освен неколку, главно опозициски, медиуми, кои само го пренесоа текстот на „Албанијан пост“, без никакви коментари или толкувања од нивна страна.

Што предвидува наводниот договор

Доколку се разгледаат деловите од објавеното, од следната година (ако предлогот биде прифатен) Косово ќе го признаат петте земји на Европската Унија што сѐ уште не го признале, додека Србија ќе има огромна финансиска и економска помош и ќе биде признаена како сила во регионот.
Документот наречен „Новата рамка“, кој наводно дошол во посед на „Албанијан пост“, е нов предлог што, како што наведуваат, произлегол директно од вклучувањето на Макрон и Шолц во процесот на дијалог, бидејќи, како што се вели во документот, „Косово и Србија сами никогаш нема да можат да го решат проблемот“.
Документот на четири страници, кој ја објаснува логиката на новата рамка, содржи десетгодишна визија за справување со проблемот и дава „макроперспектива“. Документот се состои од вовед и потоа е поделен на три сегменти, заедно со три поднаслови, кои содржат 13 точки.
Сите сегменти ја објаснуваат таканаречената „нова рамка“, која им била претставена на Албин Курти и на Александар Вучиќ. За оваа рамка јавно проговори само српскиот претседател Вучиќ, по посетата на двајца советници на Белград.
Предлогот на крајот предвидува и како да се постапи доколку Косово и Србија не го прифатат овој предлог.

Прифаќање на независноста на Косово наспроти признавање на независноста

Овој документ во три точки покажува што се очекува во следните десет години доколку договорот биде прифатен. Сегашните случувања се гледаат како продолжување на ангажманот на ЕУ во дијалогот започнат пред една деценија.
„Во 2013 година беше првиот договор за нормализација на односите, во 2023 година вториот договор за нормализација на односите (реално прифаќање на независноста на Косово наспроти формален чин на признавање) и третиот договор за нормализација на односите (формално меѓусебно признавање), непосредно пред пристапувањето на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ“, се вели во документите во кој имал увид „Албанијан пост“.
Во првата точка се нагласува дека „до средината на 2023 година мора да се постигне суштинска нормализација на односите“.
Потоа треба да се продолжи со втората точка. „Косово и Србија се две посебни правни и политички реалности, кои мора да бидат препознаени како такви од сите страни во процесот на дијалогот. „Сите страни“ се Приштина (Косово), Белград (Србија) и Брисел (ЕУ, што значи сите земји на ЕУ, вклучувајќи ги и оние што не го признале Косово)“.
А другата точка ја разјаснува позицијата на Србија. „Србија нема да биде подготвена да влезе во ЕУ без целосна нормализација на политичките, правните и дипломатските односи со Косово. Сепак, имајќи предвид дека пристапот на Србија во ЕУ е сè уште далеку, во оваа фаза од разговорите од Србија нема да се бара законски да го признае Косово“.
Според извори на порталот, ваквиот став е резултат на тоа што ЕУ во моментов не е подготвена ниту да размислува за забрзано членство на Србија, а со тоа и на другите земји од Западен Балкан кон Унијата.
Затоа, во четвртата точка се прецизира дека „Србија засега, наместо признавање, мора да ја прифати реалноста на Косово како посебна политичка и правна реалност“.
На конференцијата во Белград, претседателот Вучиќ јавно ја истакна оваа поента кога изјави: „Тие инсистираат дека таму (во Косово) постои реалност што ние треба да ја прифатиме како таква“.
Во документот се појаснува дека „суштината овде е правилната употреба на семантиката: прифаќање на независноста на Косово наспроти признавање на независноста на Косово“.
Исто така, во овој дел од документот се објаснува што значи да се прифати независноста, поделена на три точки.
„Фактички гледано, Косово и Србија треба целосно да ги нормализираат односите, овозможувајќи билатерално движење на луѓето и на стоките“, се вели во првата точка.

Франција и Германија се наметнуваат како столбови на ЕУ и диктираат услови за регионот

„Оваа нормализација треба да се одрази и во регионот. Со други зборови, поврзаноста, социоекономскиот развој, добрососедството и дигиталните податоци, заедничкиот регионален пазар промовиран од Советот за регионална соработка, заснован на четирите слободи на ЕУ, и го води регионот кон единствен заеднички пазар на ЕУ“, е наведено во втората точка.
Според извори на „Албанијан пост“, на ова инсистираат Германија и Франција. Овие две моќни држави, столбовите на ЕУ, веќе се договориле за политиката кон Западен Балкан. Франција цврсто стои со Германија во нејзината цел за ревитализација и целосен успех на Берлинскиот процес, додека Германија силно стои со Франција во нејзината визија за внимателна политика на експанзија кон Западен Балкан.
Франција и Германија јасно им ставија до знаење на Косово и Србија дека во 2022 година сакаат што е можно повеќе практични договори меѓу двете страни, кои ќе овозможат успешна ревитализација на Берлинскиот процес.
А третата точка вели дека „прифаќајќи го Косово како посебна политичка и правна реалност, Србија ќе заземе пасивна позиција и повеќе нема да се противи на членството на Косово во меѓународните организации“. Според извори на порталот, активното непротивење на членството на Косово во меѓународните организации е специфично и многу моќно барање до Србија.
По објаснувањето на овие точки, документот ја појаснува позицијата на ЕУ како целина и на поединечните држави во однос на статусот на Косово.
„По вториот договор за нормализација на односите, петте непризнавачки земји во ЕУ ќе им се приклучат на другите 22 земји од ЕУ и ќе го признаат Косово. Овој сојуз му овозможува на Брисел членството на шесте држави од Западен Балкан да го третира како единствен блок“, се вели во документот.
На самиот крај се објаснува што добиваат двете земји доколку го потпишат договорот и какви ќе бидат последиците доколку не се постигне договорот.
Во еден од ретките коментари во врска со документот, Нова.рс наведува дека „по настаните во Украина, прашањето за единството на ЕУ, во врска со Косово и Србија, стана Ахилова петица за самата ЕУ, поради што Франција и Германија се залагаат за практично, политичко и правно покажување на европското единство. Затоа, Србија е ставена во позиција каде што станува јасно дека во случај на спротивставување ќе ги загуби толку потребната економска и политичка помош од ЕУ и поддршката од петте земји што не ја признаа“, заклучува Нова.рс.

Подготвил: Mарјан Велевски