Фото: Пекселс

Психолозите велат дека во познатите смирувачки звуци, како оние од раното детство, како чукањето на лажиците од кујната додека мајка ви го готви вашиот омилен ручек, или звукот на гласот додека ви ги читале бајките како деца, луѓето наоѓаат чувство на сигурност и на опуштеност

Мозокот доживува врв на задоволство, а телото се наежува од благопријатност. Вака го опишуваат чувството вљубениците во гледањето на АСМР-видеата, кои се хит низ целиот свет, а и во Македонија. Станува збор за видеозапис од лице што, на пример, создава специфични звуци, говори тивко и полека, тропка со прстите или пак глуми дека ве масира… Видеата се достапни на Јутјуб, а во поново време и на ТикТок. Некои ги гледаат за да им помогнат да заспијат, некои за да се опуштат, некои, пак, да се фокусираат подобро на работата.

– Дознав за АСМР некаде пред почетокот на пандемијата и бев изненадена кога сфатив дека многу ефективно функционира за мене. Чувството што го добивам е благопријатно ежење, кое започнува од тилот на главата и се шири надоле по вратот до рацете. Ова е проследено со чувство на смиреност, кое ме прави сонлива. Од детството имам проблем со заспивање, воопшто не ми е лесно да заспијам колку и да сум уморна, а во дваесет и втората година почнав да искусувам и зголемена анксиозност. АСМР ми помага да ја намалам анксиозноста и стресот и полесно да заспијам, што е тотално магично бидејќи не е никаков хемиски агенс со кој треба да се затрујам, туку само бесплатно видео и аудио на Јутјуб, кое го пуштам од лаптоп или на телефон на слушалки. На почетокот го користев само за успивање, но сега слушам и преку ден, особено додека работам – помага да го намалам стресот во најзафатените денови, правејќи ме пофокусирана – зборува за своето искуство Теа од Скопје.

АСМР делува така што вашето тело реагира на звук. Првично видеата беа правени со звуците од фризерница, односно звук на ножици или на звук на чешел што минува низ косата. Подоцна стана популарни видеата со шепот или тивко читање на книга, вртење страници, шушкање со хартија…

Тоа е состојба во која, кога сте изложени на надворешен стимул, добивате пријатно, но не и сексуално чувство на кожата, слично на некое убаво, подлабоко ежење. Постојат многу различни предизвикувачи за АСМР.

Иако сѐ уште не се објавени официјалните резултати од научни истражувања, и ретко кои невролози се расположени да ги изнесат претпоставките врз основа на досега собраните податоци, АСМР е феномен. До пред некоја година, на Јутјуб имаше само неколку канали посветени на оваа тема. Денес, потрагата по АСМР-каналите дава над 30.000 резултати, додека АСМР-одделот на Редит бележи повеќе од 80.000 корисници. На ТикТок, пак, се даваат дури и сеанси во живо.

– Ова ја го дознав пред повеќе од пет години. Тогаш беше „бум“ на Јутјуб. И знам дека толку беше популарно што ИКЕА направи АСМР-реклама. Потоа излегоа многу АСМР артисти и сите се трудеа да се надминат еден со друг кој повеќе ќе предизвика физичка и ментална сензација. Не сум премногу навлезена, ама има различни пристапи со користење на различни материјали. Важно е да имаат добар микрофон. Мислам дека ефектот што го предизвикуваат асоцира на нешто што сме го доживувале како бебиња, мали деца или можеби уште во утробата. Затоа најчесто се звуци што асоцираат на галење, па звуци како под вода и слично. Има некои АСМР артисти што прават цела сцена како да те смируваат, те галат, ти шепотат и всушност ја галат камерата со меки четки или со рака и слично. Или прават сцена како да си на фризер или други релаксирачки поставки. Видеата не ги користам многу зашто немам проблем со заспивање. Ама ако имам, си пуштам, најчесто на слушалки зашто така има подобар ефект. Мене ми предизвикува ежење, како кога ќе си поминеш со оние масажерите по глава, како по мозок да те гали некој и те опушта и релаксира. Нешто како „мозочен оргазам“. Лично јас ги сакам видеата со зборување и шепотење. Најнов тренд е АСМР со јадење, тоа е малку бизарно. Терминот за тоа е Mukbang и потекнува од Кореја и е апсолутен хит – раскажува Билјана Кочоска, психолог и магистер по комуникација и нови медиуми.

Психолозите велат дека во познатите смирувачки звуци, како оние од раното детство, како чукањето на лажиците од кујната додека мајка ви го готви вашиот омилен ручек, или звукот на гласот додека ви ги читале бајките како деца, луѓето наоѓаат чувство на сигурност и на опуштеност.

Пред две години за сето тоа се заинтересирал и докторот по невролошки науки од Балтимор Брајсон Лохте кој го проучувал ова искуство за потребите на својата докторска теза. Во еден дел од своето истражување, тој употребувал магнетна резонанца за снимање на мозочната активност на испитаниците што гледале АСМР- видеозаписи. Докторот верува дека реакцијата не се случува само во главата на луѓето.

Универзитет во Шефилд минатата година спровел студија за АСМР и открил дека видеата им помагаат на луѓето да заспијат, па дури и на одделни лица што страдаат од анксиозност и депресија, затоа што ја успоруваат работата на срцето и предизвикуваат позитивни чувства, вклучувајќи и чувство на опуштеност и социјална поврзаност.

Билјана Кочоска / фото: Приватна архива

– Теоретичарот на комуникација и медиуми Маршал Меклуан во своите визионерски книги уште во раните шеесетти години на минатиот век медиумите ги гледа како екстензии на човекот. Денес тоа го живееме секојдневно и сѐ повеќе тие екстензии стануваат дел од нас. Но, сепак, во тој процес постои една нова изолација, којашто комуникологот и психолог Шери Теркл од универзитетот МИТ ја опишува во својата книга „Сами заедно“, зборувајќи како дури и кога сме заедно физички се создава една бариера помеѓу нас. Како последица на оваа екстензија и нашата, на некој начин, ментална киборгизација, сѐ повеќе ѝ веруваме на блискоста преку медиумите отколку реалната блискост, со што нашите социјални вештини се намалуваат. Навиката сѐ повеќе да зависиме од медиумите и да го добиваме оној „допамински хај“ што ни го овозможуваат, што е целосно посебна тема што може да се анализира, на некој начин ни создава илузија дека и вистинската блискост треба да ја бараме таму. Така што оној виртуелен допир што АСМР-артистот ни го нуди во АСМР-сесиите со играње на улога, нѐ враќа во состојба каде што детето во нас добива некаква нежност внимание и грижа, која на секој му е потребна – констатира Кочоска.

Многумина од овие корисници, кои она што го доживуваат го нарекуваат „мозочен оргазам“, ментална сензација, силно чувство на т.н. поспана среќа, признаваат дека станале дури и зависни и дека се во потрага по константна мозочна стимулација.