Шумскиот пожар што избувна пред неколку дена во Националниот парк „Дрина“ во атарот на селото Лука во општина Сребреница во БиХ, сѐ уште се шири низ непристапен терен, падини и карпи над Перуќачко Езеро на Дрина, соопшти Територијалната пожарна единица Сребреница.
Пожарниците изјавуваат дека не е можно да се гаси овој пожар од земја, бидејќи теренот е непристапен и опасен за луѓето, но е тешко и за техниката.
Пожарот зафатил четинари и ниска вегетација. Директорот на Националниот парк, Радомир Павловиќ, изјави дека е побарана помош и се очекува дека утре, во гаснењето на пожарот ќе учествуваат и хеликоптерите од Хеликоптерскиот сервис на Република Српска и Оружените сили на БиХ.
Началникот за општествени активности на општината Сребреница, Адем Мехмедовиќ, соопшти дека пожарот сè уште се шири на непристапен терен кон Дрина. -Прогласивме ванредно состојба за месната заедница Лука. Утринава испративме механизација кон тоа село за да го зачистиме патот и да направиме пресек во случај пламените јазици да се прошират кон селото. Подготвивме објекти за евентуална евакуација на населението ако биде потребно, бидејќи постои опасност од голема количина чад во селото – појасни Мехмедовиќ.
Пожари во последните недели зафатија неколку подрачја во Босна и Херцеговина, меѓу кои и Националниот парк „Сутјеска“, околината на Билеќа, Маглај и Какањ.