Одлуката на косовската влада за примена на мерки поврзани со српските лични документи и пререгистрација на возилата минатиот викенд ја влоши безбедносната состојба во нашето соседство. По интервенцијата на Вашингтон, косовската влада ја одложи примената на одлуката за еден месец, а со тоа беше избегнат поголем конфликт меѓу косовските власти и српското население. Иако меѓународната заедница апелира на смирување на страстите и враќање на политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина, можноста од нови блокади и тензии сѐ уште не е надмината, а со тоа и евентуалните последици врз Македонија како соседна земја
Пресек на неодамнешните тензични случувања меѓу Србија и Косово
Ненајавената и еднострана одлука на косовската влада за примена на реципрочни мерки поврзани со српските лични документи и пререгистрација на возилата, предизвика 26-часовни блокади на сите патни правци и гранични премини каде што живеат припадници на српската заедница. Пред стапувањето во сила на одлуката на Владата на Косово, предвидено за 1 август на полноќ, Србите во Косово ги блокираа патиштата кон административните премини со Србија, Јариње и Брњак во неделата на 31 јули, а Вучиќ ги повика Приштина и Западот да се вразумат за да се избегнат конфликти. Со силен дипломатски притисок врз косовскиот премиер Албин Курти беше одложена примената на оваа мерка до 1 септември, а со тоа беше спречен поширок конфликт на релацијата помеѓу Србија и Косово, кои подолго водат разговори за надминување на проблемот со регистарските таблички на возилата. По интервенцијата на Вашингтон врз Приштина, косовската влада најави дека ја одложува примената на одлуката, со услов да се тргнат блокадите.
Спорот започна на крајот на јуни 2022 година со најавата на владата на Курти дека има намера да го примени принципот на реципроцитет на српските лични документи и да ги принуди сопствениците на автомобили во северниот дел на Косово, каде што доминира српското население, да ги заменат српските регистарски таблички со косовски. Според српски извори, сопствениците на автомобили што одбиваат да го сторат тоа се соочуваат со ризик да им бидат одземени возилата.
Шефот на дипломатијата на Европската Унија, Жозеп Борел, ги повика претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и косовскиот премиер, Албин Курти, да одат во Брисел и да го продолжат дијалогот за сите отворени прашања. Повикот беше испратен поради засилените тензии на северот на Косово. Извори во Брисел предупредуваат дека тензиите се директна последица на „недостигот од волја на лидерите да седнат на маса“ и да го продолжат бриселскиот дијалог.
– Се наоѓаме во многу тешка ситуација, едвај го избегнавме најтешкото сценарио. Бевме на работ на катастрофа. Некои луѓе не разбираат што прават и не ја разбираат Србија. Заедно со НАТО можете да спроведете сѐ на сила, но никогаш со ништо нема да добиете зелено светло од Србија. Имаме коректен однос со КФОР и никој не ѝ се заканувал на Србија. Ако се обидете да го направите со Србија тоа што веќе сте го направиле, ќе се соочите со поинаква Србија и поинаков одговор – изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, на вчерашното гостување во РТС.
Албанскиот премиер Еди Рама кажа дека во врска со тензиите на северот на Косово ја поддржува 100 отсто Владата на Косово. Настаните се одраз на длабоките тешкотии што постојат во овој однос и извршувањето на суверенитетот на целата територија на државата Косово, врз основа на договорот меѓу Србија и Косово договорен во Брисел. Во овој момент ги поддржувам 100 отсто Владата на Косово и властите на Косово да го спроведат договорот, изјави Рама.
Рама оцени дека косовската влада донела правилна одлука спроведувајќи реципроцитет, а потоа го одложи тоа за 30 дена, и дека во таквите ситуации Косово има две опции, едната е враќање и војна, а втората да седне на масата на Отворен Балкан.
– Овие ситуации не покажуваат дека Отворен Балкан е непотребен или погрешен. Не покажуваат дека нашиот пристап кон Србија и политиката на зближување е непотребна, овие ситуации покажуваат зошто е потребен Отворен Балкан. Тоа е причината зошто Косово треба да дојде и да седне на масата на Отворен Балкан. Кога нештата ќе тргнат наопаку, има две опции. Едната е војна, од која никој не добива, вториот пат е изградба на мир. Луѓе сме и имаме обврска да им оставиме мир на своите деца – порача Рама.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по новите тензии во Косово објави дека разговарал со премиерот Албин Курти и додаде дека двете страни мора да останат воздржани.
– Разговарав со Албин Курти за неодамнешните тензии во Косово и континуираното значење на присуството на нашата мисија КФОР. Сите страни мора да останат воздржани, да избегнуваат еднострани потези и да го поддржат дијалогот со посредство на Европската Унија – напиша Столтенберг на Твитер.