Генчевска и Бербок имаа официјална средба во Лисабон од која произлезе принципиелна изјава на ЕУ за обврските на Бугарија

Бугарија за неколку дена ќе има нов министер за надворешни работи, пренесуваат медиумите во Софија. Причините за „повлекувањето“ на Теодора Генчовска биле „…целосната некомпетентност и отсуството на елементарни познавања на дипломатијата и протоколот…“. Ваков став, според одредени бугарски медиуми, лиферуваше неофицијална Софија, по изјавата на шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, по состанокот со нејзиниот бугарски контрапункт, министерката Генчовска, од чија заемна средба произлезе дека „Бугарија презела обврска до средина на годината да дозволи Македонија да ги почне преговoрите“…

Бугарија

Македонското прашање, или попрецизно, нашата интеграција во Европската Унија и евентуалната можност за укинување на бугарското вето предизвикаа нови турбуленции во Софија. Бугарското МНР завчера објаснуваше дека нема никаква промена во официјалната позиција на Софија, со што ја демантира изјавата на шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, од која произлезе дека Бугарија презела обврска до средина на годината да дозволи Македонија да ги почне преговoрите.
„Поддршката за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан останува приоритет на бугарската надворешна политика и бидејќи е од клучно значење продолжуваат да бидат следени критериумот за сопствените заслуги на секоја земја-кандидат и почитувањето на основните вредности на ЕУ, вклучувајќи го и почитувањето на човековите права и на принципот на добрососедство. Министерката Генчовска ја препотврди позицијата на Бугарија при нејзиниот разговор со шефот на германската дипломатија во рамките на Советот за надворешни работи во Луксембург“, соопшти бугарското МНР.
Но ниту тоа не ја смири опозицијата, која врши силен притисок врз владата на премиерот Кирил Петков, па веќе се подготвува и првата „жртва“ за да се смират страстите.
Како што пишува во новиот број бугарскиот неделник „Галерија“, кој се повикува на „одлично информирани извори“, Бугарија за неколку дена ќе има нов министер за надворешни работи, пренесуваат медиумите во Софија. Според неделникот, причините за повлекувањето на Теодора Генчовска биле „целосната некомпетентност и отсуството на елементарни познавања на дипломатијата и протоколот“.
Во продолжение, во комбинаториките, најголеми шанси за нејзина наследничка била Весела Чернева, актуелна советничка на премиерот Кирил Петков. На Има таков народ, чиј претставник е Генчовска, наводно ќе ѝ биде предложено да замине како постојан претставник во НАТО. Со помали шанси од тие на Чернева била актуелната заменик-министерка за надворешни работи Велислава Петрова.

Проблемите за министерката за надворешни работи Теодора Генчовска започнаа со изјавата на нејзината германска колешка Аналена Бербок дека на состанокот во понеделникот во Лисабон двете се согласиле дека е исклучително важно Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ во првата половина од годината. Попусто Генчовска изјавуваше дека нема промена во бугарската позиција за евроинтеграцијата на Македонија и дека никој од тимот на бугарското МНР во сите свои разговори со европските и со партнерите од НАТО не отстапил и не се преземени никакви ангажмани што се врзани за рокови. Таа дури на јавноста ѝ ги нудеше и стенограмите од разговорот, како што има од сите средби што ги остварува тимот на МНР.
Но, се чини, нејзините зборови не беа доволни да ги смират големата политичка бура во Бугарија и прозивките за владата на Кирил Петков дека се подготвува „национално предавство“. Пратеникот од опозициската ГЕРБ, Тома Биков, рече дека во Бугарија постои целосен консензус за прашањето за Македонија и повика ако некој одлучил да ја смени државната позиција, тоа да го каже јавно, а не да го прави тоа зад грбот на граѓаните.
– Иако негира, премиерот Петков очигледно презел обврски кон Македонија, за што е доказ и изјавата на шефицата на германската дипломатија. Ние немаме ништо против, но не гледаме дека Македонија прави чекор напред. Ништо не е сменето во однос на ситуацијата од пред шест месеци, освен што македонскиот премиер рече дека нема да ја присоедини Пиринска Македонија кон Република Македонија – вели Биков.
Тој предупредува дека бугарската позиција во однос на Македонија е ослабната, поради разликите во владејачката коалиција.

За неговата партија не беше доволна изјавата на Генчовска, ниту даденото објаснување од МНР, па поднесоа вонредно барање министерката да одговара на прашања на оваа тема пред парламентот на денешното заседание.
Европратеникот Ангел Џамбаски, пак, преку Фејсбук ја повика Генчовска да даде оставка ако ветила влез на Македонија во ЕУ, затоа што тој став е национално предавство.
Паралелно со ова, претседателот на Бугарија, Румен Радев, од посетата на Португалија испрати порака дека е рано да се каже „да“ за Македонија. Во одговор на прашање за европската интеграција на Западен Балкан, на средба со неговиот португалски колега Марсело Ребело де Соуза, тој ја истакна безрезервната поддршка на Бугарија само за Албанија.
– Македонија има потреба од уште време за да ги исполни критериумите за почеток на преговорите за членство во ЕУ – изјави бугарскиот претседател.

Подготвил: Марјан Велевски