Хрватите се загрижени дека поскапувањата ќе се одразат негативно и наредново лето, особено во време на туристичката сезона

Угледни економисти деновиве подготвија мало истражување во кое се обидоа да направат своевиден фоторобот на просечно хрватско семејство што живее во голем град – родители со две училишни деца. Колку им треба за да го живеат месецот како што треба, ништо да не им недостиг и никому да не му должат? И тука не е лесно да се најде прецизен одговор, бидејќи некои се подготвени да работат на повеќе работни места истовремено, други живеат „само од плата“, на некои им е подобро со тоа што го имаат, иако не се богати, а има и такви на кои не им се доволни ни екстремно високите примања, па тие се засекогаш во долгови

Воведувањето на еврото на местото на куната полека започнува да станува секојдневие на просечниот хрватски граѓанин. По првичниот шок, кој сепак не беше толку силен и разорен да предизвика сериозни нарушувања во животот на луѓето, сега полека сите се навикнуваат на новата реалност, барем што се однесува до секојдневните навики. Но тоа е така само ако се погледне „едната страна на медалот“. Факт е дека луѓето бргу се навикнуваат на вакви промени, па сега веќе плаќањата се одвиваат во евра, но луѓето се загрижени за нешто друго, исто така поврзано со воведувањето на европската валута.
Имено, семејниот буџет, сериозно начнат од корона-кризата, економската криза што следуваше, особено последиците од војната во Украина, се најде пред нов предизвик. Не мал број трговци ја искористија промената на куната во евро за уште едно зголемување на цените, овој пат во своја режија, под изговор дека конверзијата го налага тоа.
Оттаму, првото прашање што се поставува пред просечниот хрватски граѓанин е колку пари ќе му бидат доволни за да се преживее месецот во новонастанатата ситуација. Се разбира, потребите не се исти кај сите, бидејќи не е исто да се живее во Загреб, Сплит, Дубровник или, пак, во некое помало населено место.
Затоа, познавачите на состојбите деновиве подготвија мало истражување во кое се обидоа да направат своевиден фоторобот на просечно хрватско семејство што живее во голем град – родители со две училишни деца. Колку им треба за да го живеат месецот како што треба, ништо да не им недостига и никому да не му должат?
И тука не е лесно да се најде прецизен одговор, бидејќи некои се подготвени да работат на повеќе работни места истовремено, други живеат „само од плата“, на некои им е подобро со тоа што го имаат, иако не се богати, а има и такви на кои ни екстремно високите примања не им се доволни, па тие се засекогаш во долгови.

Економистите внимателни во прогнозите

Во таква ситуација, на помош е повикана државната статистика, која го кажува следново: просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во правни лица во Република Хрватска за периодот јануари – август 2022 година изнесува околу илјада евра (7.583 куни). Иако сѐ уште нема реални податоци за јануари, се чини дека таа достигна околу 8.000 куни. Дали двајца родители со просечни плати и две мали деца, значи, со малку повеќе од две илјади евра (16.000 куни) можат да живеат нормално еден месец?
– Кога се гледа колкав приход има некој, потребно е да се имаат предвид неколку критериуми: дали семејството има сопствен стан или е изнајмен, дали има долгови или не, колку деца има и кои се нивните години. Сумирајќи го сето тоа, двете просечни хрватски плати се доволни само за основните потреби: храна, пијалак, комуналии, гориво… Значи, ако едно семејство нема кредит и има сопствен стан, живее со две илјади евра месечно, тогаш сите дополнителни, вонредни трошоци се проблем – вели економскиот аналитичар д-р Петар Вушковиќ.
Познатиот економист не се осмелува да даде точен одговор колку пари би биле доволни за пристоен живот.
– Многу е тешко да се даде точен одговор на вашето прашање, бидејќи навиките на луѓето се различни, сепак мислам дека тоа е најмалку дваесет илјади куни или нешто помалку од 2.800 евра месечно. Со тие пари семејство што се однесува рационално би можело да живее еден месец без поголеми финансиски проблеми. А тоа рационално однесување значи дека се следат летоци, кампањи на големите трговски куќи, дека многу внимаваат каде и што купуваат и дека не дозволуваат да бидат измамени. Единствен начин за луѓето да не дозволат да бидат влечени за нос од оние што неоправдано ги покачија цените во конверзија е да престанат да ги користат нивните услуги. Тоа е најдобрата казна за нив, бидејќи државата во пазарна економија не може да ги санкционира трговците за поскапување, но потрошувачите секако можат да го направат тоа – вели Вушковиќ.

Ситуацијата е многу подобра отколку што покажува официјалната статистика

Неговиот постар колега Љубо Јурчиќ смета дека воведувањето на еврото целосно ја разоткри вистината за економската состојба на Хрватите. Сега, како што вели тој, е јасно „колку ни се платите, особено ако се споредиме со развиените западни земји од Европската Унија“.
– Со оглед на сегашните трошоци за живот, просечната плата во Хрватска треба да биде 2.000 евра нето, а минималната плата да биде 800 евра. Нашето семејство троши 40 отсто од приходите на храна, додека во богатите европски земји само десет отсто, а тоа е затоа што платите таму се во просек трипати повисоки – забележува Јурчиќ и вели дека постои и она познато „но“, а тоа е причината што ситуацијата е многу подобра отколку што покажува официјалната статистика. Значи, сума сумарум, според него, четиричлено семејство би требало да има илјада евра по член на домаќинството за да живее удобно, а бидејќи граѓаните се уште далеку од тоа, наоѓаат најразлични начини да заштедат.
– Нам сѐ уште нѐ вадат сивата економија и богатството што го наследивме од поранешната држава, како и позициската рента кога станува збор за недвижностите на Јадранот и во големите градови. Мислам, имаме ниски плати во споредба со западноевропските земји, но не сме толку сиромашни како што покажува статистиката. Патував низ Европа, надвор од автопатиштата, а она што го видов во селата во Бугарија, Словачка или балтичките земји ме потсети на средниот век. Живееме подобро од нив, но не благодарение на она што го создаваме денес, туку на она што го наследивме од поранешната држава – наведува Љубо Јурчиќ и додава дека Европејците од побогатите земји од Хрватска трошат многу повеќе отколку Хрватите, што ги движи напред нивните економии.
– Во Австрија просечно семејство го поминува викендот надвор од својот дом триесет пати годишно, а во криза тоа го прави можеби пет пати помалку од вообичаено, додека кај нас има луѓе што за жал не патуваат никаде затоа што едноставно немаат пари за тоа. Ова е разликата во стандардот и во платите кај нас во однос на оние во побогатите европски земји, повторувам, дури трипати помалку – заклучува Јурчиќ.
Според официјалните податоци, просечната нето-плата во јуни минатата година, кога зафати бранот на поскапувања, покривала 85 отсто од трошоците. Тоа значи дека граѓаните со такви приходи морале да се задолжуваат ако сакаат да одат на годишен одмор или дополнително да работат за да ги соберат потребните средства.
Многу потешко им е на оние што живеат под кирија, со оглед на тоа што кириите се зголемени во просек за триесет проценти. Практично им треба нешто повеќе од половина од просечната хрватска плата за да ги покријат сите животни трошоци, кои не вклучуваат никаков луксуз, од типот скапо патување и гардероба, излегување на вечери, забави… или поседување втор автомобил, кој во големите градови, каде што работат двајца луѓе во семејството, е повеќе потреба отколку прашање на комоција.
Храната и понатаму е најскапа во Хрватска, што јасно говори за лошиот животен стандард. На неа отпаѓаат речиси четириесет отсто од трошоците, потоа домувањето – 27,60 отсто, облеката 9,76 отсто, образованието и културата 12,2 отсто, превозот 9 отсто, а хигиената 5,2 отсто од вкупните трошоци на просечното семејство.

Статистиката како показател

Интересно е да се види што покажуваат официјалните податоци, во случајов од Националното биро за статистика, кое подолго време бележи раст на цените на сите стоки и услуги, споредувајќи ги на годишно ниво. Цените на стоките и услугите за лична потрошувачка, мерени преку индексот на потрошувачките цени, во ноември 2022 година во однос на истиот месец од 2021 година се во просек повисоки за 13,5 отсто, додека годишниот просек е повисок за 10,1 отсто. Со други зборови, инфлацијата им ги јаде парите на граѓаните, бидејќи платите и пензиите растат побавно од цените.
На годишно ниво најголем пораст на потрошувачките цени во просек е остварен во групите храна и безалкохолни пијалаци, за 19,2 отсто, ресторани и хотели за 17 отсто, мебел, домашна опрема и редовно одржување на домаќинствата за 16,6 отсто, домување, вода, струја, гас и други горива за 16,5 отсто и транспорт за 13,3 отсто.
Разни стоки и услуги поскапеа за 11,6 отсто, рекреација и култура за 9,1 отсто, облека и обувки за 5,8 отсто, алкохолни пијалаци и тутун за 4,6 отсто, здравство за 4,1 отсто и образование за 2,3 отсто.

Ангел Митревски специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска