По едногодишна пауза, доделени „златните глобуси“

Младата ѕвезда на „Елвис“, Остин Батлер, и актерката ветеран Мишел Јео ги освоија главните филмски награди на церемонијата на доделувањето на „златните глобуси“, додека Холивуд повторно го прифати шоуто што беше исфрлено од телевизија поради скандал.
Батлер (31) беше прогласен за најдобар актер во филмската драма за неговиот портрет на рок-легендата Елвис Присли и изгледаше совладано од емоции за да ја прифати честа пред многу врвни имиња во шоу-бизнисот.
– Во оваа сала сум со сите мои херои. Не можам да верувам дека сум тука – изјави Батлер и посебно ги спомена Бред Пит и Квентин Тарантино.
Јео, наградена за нејзината главна улога во акцискиот филм „Сè насекаде одеднаш“, излезе на сцената и рече дека „ќе паузира и ќе го почувствува овој момент“.
– Холивуд беше остварување на сонот додека не дојдов овде – додаде малезиската актерка со кинеско потекло, истакнувајќи дека на почетокот на нејзината кариера ја нарекувале „малцинство“ и ја прашувале дали знае да зборува англиски.
Четириесет години подоцна, таа изјави дека тоа било неверојатно патување и неверојатна борба да се биде таму денес, но мисли дека вредело.
Колин Фарел ја освои наградата за најдобар актер во филмски мјузикл или комедија за неговиот портрет на Падраик Суилеабхаин во мрачната ирска комедија „Самовилите на Инишерин“. Фарел им се заблагодари на своите соработници.
Меѓу другите наградени беше актерката Анџела Басет, која ја освои наградата за споредна женска улога за нејзината улога на кралицата Рајмонда во „Црниот пантер: Ваканда засекогаш“.

– Му покажавме на светот како изгледа црното единство, лидерство и љубов надвор, зад и пред камерата – рече Басет додека го држеше својот трофеј.
Ке Хју Куан беше прогласен за најдобар спореден машки актер во драмата за Вејмонд Ванг во „Сè насекаде одеднаш“.
„Фабелманови“, приказна за полнолетството базирана на тинејџерските години на Стивен Спилберг, беше прогласена за најдобра филмска драма. „Самовилите на Инишерин“, приказната за пријателите што се во судир на еден ирски остров, ја доби наградата за најдобар филмски мјузикл или комедија. Наградите најверојатно ќе ги поттикнат двата филма повисоко да се упатат кон „оскарите“ во март.
Познатите личности и Ен-би-си се повлекоа од доделувањето на „глобусите“ во 2022 година поради етички пропусти од страна на Здружението за странски новинари во Холивуд. Поголемото, поразновидно членство и другите промени во здружението убедија многу од најголемите филмски и ТВ-ѕвезди да ја поддржат годинешната церемонија, што им даде публицитет на победниците и на номинираните. Овие награди често ги зголемуваат нивните шанси да ја добијат најпрестижната награда „оскар“ во Холивуд.
Церемонијата беше главно иста како и во изминатите години, освен остриот монолог на комичарот и водител Џерод Кармајкл, кој го отвори шоуто шегувајќи се: „Тука сум затоа што сум црнец“.

– Еден ден си правиш чај од нане дома. Следниот ден си поканет да бидеш црно лице на борбената бела организација – рече тој на церемонијата, која беше емитувана во живо на Ен-би-ес.
Трагикомедијата „Самовилите на Инишерин“ и серијата „Основното училиште Абот“ освоија по три „златни глобуси“ . Филмот „Самовилите на Инишерин“ го освои и „глобусот“ за најдобра машка главна улога (Колин Фарел) и најдобро сценарио (Мартин Мекдона). Најдобра драма-серија, според Здружението на странски новинари во Холивуд (ХФПА), е „Куќата на змејот“. Полуавтобиографскиот филм на Стивен Спилберг, „Фабелманови“, ја освои наградата за најдобра драма и за режисер. Признанија за најдобри глумци во многубројните категории освоија и Остин Батлер („Елвис“), Кејт Бланшет („Тар“), Анџела Басет, Кевин Костнер, Зендеја, Еван Питерс („Драма“), како и Мишел Јео, Ке Хуј Кван, Тајлер Џејмс Вилијамс, Квинта Брансон, Џулија Гарнер („Комедија или мјузикл“) и други.