Европа е свесна дека постојат „тројански коњи“, но исто така е свесна кој и каква улога има. Полека и на Европа ѝ станува јасно дека дури и да се случува нешто во Македонија или во Србија, тоа не може да претставува толку сериозна закана, туку дека реалната опасност, всушност, е онаа однатре, од Бугарија. Македонија и Србија не се во Европската Унија и не се ни оддалеку толку влијателни како што е Бугарија, поради тоа што ЕУ-процедурите ѝ го овозможуваат тоа. И да не заборавиме, Бугарија влезе во големото европско семејство со едноставна политичка одлука на Европејците и без никакви критериуми и принципи. Токму затоа, ЕУ е свесна дека треба да се плаши од тие што се внатре, тие се реалната опасност, бидејќи се внатре, во европските ѕидишта

Кој колку може да ја загрози ЕУ: внатрешниот или надворешниот агенс е поотровен?

Во последниов период во политиката на Балканот, но и околу него, особено е актуелна метафората „тројански коњ“, која се спомнува во различен контекст. Токму поради тоа, таа метафора е интересна за анализа. Веројатно на сите им е познато значењето на метафората, која и ден-денес се посочува како една од најцитираните.
Нејзиното основно значење влече корени од митот за Тројанската војна и наводната мудрост на Одисеј, кој по десетгодишна опсада на Троја дошол до идеја да се направи гигантски дрвен коњ во чија утроба влегле група воини. Дрвениот коњ за измама како подарок (оттаму и изреката „не верувај им на Данајците и кога подарок ти носат“) бил внесен во градските ѕидишта, а скриените војници излегле од него и ги фатиле бранителите на спиење, токму однатре во ѕидиштата на утврдениот град Троја. Но преносното значење е исто така добро познато и често користено за да се означи некоја воено-политичка измама, но и измама воопшто – употреба на стратегија или измама против некого, преку скриена форма, за да се добие корист или да се исполни цел. Според толкувањето во речникот, станува збор за „некој што лукаво се вовлекува во некоја заедница за да ја ослаби однатре и да ја уништи“. Е сега, да видиме кој е „тројанскиот коњ“ од кој треба да се плаши ЕУ?

Кои се балканските коњи

Така е во теоријата, но јавноста на Балканот и пошироко деновиве ја привлече пречестото цитирање на споменатата метафора. Прв почна копретседавачот на бугарскиот дел од заедничката комисија за историски и за прашања за учебниците, Ангел Димитров, кој за агенцијата БГНЕС даде интервју што предизвика бура од реакции во домашната јавност. Коментирајќи ги актуелните случувања во Европа, со осврт на Балканот, Димитров напиша: „Инаку, Москва нема ништо против евроинтеграциите на Белград и Скопје, бидејќи – со оглед на нивното политичко наследство – тие ќе бидат толку потребните ’тројански коњи‘ во Европската Унија“.
Не помина многу време, а британскиот весник „Гардијан“ во свој текст објави дека мирот на Балканот повторно е загрозен, а во својата анализа за состојбата во Европа, Велика Британија, ЕУ и на Западен Балкан, се спомнуваат Унгарија и Србија, и се посочуваат како „тројански коњи на Путин“.
„Но посилната заштита од Русија значи и дека на тројанските коњи на Путин, како Унгарија на Виктор Орбан и Србија на Александар Вучиќ, треба да им се спротивстават поодлучно. Ова отвора прашања пред сѐ за спроведувањето на основните законски обврски од членството на Унгарија во ЕУ и натамошниот статус на Србија како земја-кандидат за членство во ЕУ“, се наведува во текстот.
Текстот е потпишан од Даниел Кон-Бендит – предводникот на Зелените во Европскиот парламент, Тимоти Гартон Еш – професор на европски студии на „Оксфорд“, Иренеуш Каролевски – професор по политичка теорија на Универзитетот во Лајпциг и политикологот Клаус Легеви.
И конечно, угледниот европски портал „Политико“ во понеделникот објави подолг текст во кој анализира како „Бугарија со години внимателно игра двојна игра, обидувајќи се да балансира меѓу Истокот и Западот и да не ја вознемирува Русија“.
Во текстот се укажува дека „Врските меѓу Русија и Бугарија – членка и на ЕУ и на НАТО – се длабоки, а земјите споделуваат историски, верски и културни врски. За време на комунизмот, ултраблискиот сојуз на Бугарија со Москва доведе до тоа да биде наречена ’шеснаесеттата република‘ на Советскиот Сојуз. Дури и по падот на железната завеса, многу луѓе со врски со стариот поредок и неговите тајни служби продолжија да бидат дел од политичкиот естаблишмент на Бугарија. Распространетата висока корупција и олигархиските врски со Владата ѝ дозволија на Москва дополнително да ги искористи тие врски.
Поради руското влијание во Бугарија, некои ја гледаат балканската земја како тројанскиот коњ на Москва во ЕУ“.
Така вели „Политико“ и додава дека Кирил Петков категорично го осуди нападот на Русија, но сѐ уште се налага да отстапува за некои работи пред коалициските партнери. Бугарија брзо го затвори своето небо за руските авиони, но се колеба да дозволи војски на НАТО на своја територија, како што направија други држави. Софија му предложи на Киев хуманитарна помош, но не и оружје, посочува „Политико“.

Картите се отвораат

Очигледно, некој е свесен, поточно Европа е свесна дека постојат балкански тројански коњи, но исто така е свесна кој и каква улога има. Полека и на Европа ѝ станува јасно дека дури и да се случува нешто во Македонија или во Србија, тоа не може да претставува толку сериозна закана, туку дека реалната опасност е всушност Бугарија. Македонија и Србија не се во Европската Унија и не се ни оддалеку толку опасни, како што е Бугарија, која, да не заборавиме, влезе во големото европско семејство без никакви критериуми и принципи.
Токму затоа, ЕУ е свесна дека треба да се плаши од тие што се внатре, тие се реалната опасност, бидејќи се внатре, во европските ѕидишта. Ние сме надвор од ѕидиштата и можат да прават, како што прават… Да нѐ држат надвор колку и да сакаат идентификувајќи нѐ со „квазитројански коњ“, кој и никогаш нема да ја исполни својата мисија. Што не може да се каже за Бугарија! Таа веќе со газење на темелните принципите на Унијата ја разорува во темел, а со непочитувањето на меѓународното право демонстрира „иреверзибилна девастација на европската правна архитектура“, чии последици Унијата допрва ќе ги почувствува.

Подготвил: Марјан Велевски