Словенија

Словенија вчера првпат го одбележи Денот на сеќавањето на жртвите на комунистичкото насилство, а одлуката на Владата во заминување да воведе ваков спомен-ден на самиот крај на својот мандат повторно ги подели јавноста, политиката и историчарите.
Како што наведе во својата одлука Владата на Јанез Јанша во заминување, ваквото одбележување е неопходно за во иднина да не се повторат најтрагичните епизоди од националната историја. Наедно, „сите димензии на комунистичкото насилство“ и почит кон „жртвите и прогонетите“ од тој период „да се внесат во колективната свест“ на Словенците, за што досега немало сензибилитет во политиката.
Како национален ден на сеќавање на жртвите на комунизмот беше избран настанот од 17 мај 1942 година, кога словенечките партизани предводени од комунистите застрелале 43 припадници на ромската заедница во нивниот логор недалеку од Љубљана, меѓу кои имало многу деца и постари лица.

Нивните останки, организирани од државната комисија за воени и повоени жртви, биле ексхумирани во 2017 година од масовна гробница. Историчарот Митја Ференц тогаш рече дека тоа е неприфатливо и нецивилизирано злосторство што ретко се споменува и дека партизанска единица убила Роми, наводно, од страв дека тие ќе ги пријават кај италијанските окупациски власти.
Левичарските партии, кои ќе влезат во новата влада што ја составува победникот на неодамнешните парламентарни избори, Роберт Голоб, ја сметаат одлуката на Владата на Јанша за комеморација на жртвите на комунизмот како провокација, со која поразената партија сака да ги вовлече во „културна борба“ за прашања од минатото, кои немаат врска со сегашноста и нејзините проблеми.
Идниот премиер и претседател на движењето Слобода, Роберт Голоб, вели дека токму затоа Словенците ќе мора во иднина повеќе да го прославуваат 9 мај како Ден на победата над фашизмот за да се сетат на „историската вистина“, пишуваат словенечките медиуми.