Фото: Принтскрин

Продолжуваат протестите во Белград под мотото „Србија против насилство“. Попладнево на белградските улици излегле илјадници граѓани. Демонстрантите се собраа пред Народното собрание од каде што се упатија пеш кон зградата на Радио-телевизија Србија (РТС), околу која направија обрач.

Демонстрантите го критикуваат одговорот на властите по двете масовни убиства од почетокот на мај во Србија, во кои беа убиени 18 лица

Демонстрантите бараат итно разрешување на сите членови на Советот на рeгулаторното тело за електронски медиуми, итно укинување на реалните програми и емисии кои промовираат неморал и насилство на телевизии со национални фреквенции, забрана на печатените медиуми чија содржина промовира насилство, агресија и го крши новинарскиот кодекс и одземање на националните фреквенции на телевизиите Пинк и Хепи.
Тие бараат и разрешување на раководството на РТС поради, како што рекоа, емитување програми кои афирмираат насилство, криминал и агресија.

Протестите се реакција на, како што велат демонтрантите, несоодветниот одговор на државата по двете масовни убиства што се случија во Србија, првото во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, а второто кај Младеновац, во кои беа убиени вкупно 18 лица.

Нов протест е најавен за 2. јуни.