Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Мандатарката на идната српска Влада, Ана Брнабиќ, изјави дека очекува новата извршна власт да биде избрана до крајот на септември, дека светот е на работ на трета светска војна и дека нејзин приоритет ќе и бидат Косово и енергетиката, јави допсиникот на МИА од Белград.

-Зачувувањето на мирот и стабилноста е најважната задача. Најмногу ме мачи Косово и Метохија. Голем дел од работата ја презеде Александар Вучиќ. Енергетиката, исто така, е приоритет, што е прашање на национална безбедност. Најлесно ќе ми биде да напишам експозе – истакна Брнабиќ за РТС.

Таа оцени дека светот е на работ на третата светска војна.

-Договорот и компромисот станаа грди зборови, слабост, а не сила, никој не е подготвен никого да сослуша – нагласи таа.

Кога станува збор за ситуацијата во Косово, Брнабиќ потврди дека за Србија од 1 септември доаѓа период на нестабилност, бидејќи се уште не е постигнат договор за регистарските таблички на возилата.

Косовскиот премиер „Аљбин Курти не е подготвен за никаков компромис, предложивме решение – статусно неутрални таблички КС, но тој не сакаше да го прифати“.

За забраната на одржување на Европрајд, Брнабиќ напомена дека прашање е какви последици има тоа за Србија.

-Она што ние им го кажавме да не шетаат- е повеќе молба отколку било што можете да забраните – рече таа.

Брнабиќ изрази очекување дека членовите на нејзиниот нов тим ќе бидат познати до крајот на септември и дека разговорите со потенцијалните коалициски партнери не се лесни, посочувајќи дека не се важни функциите, туку резултатите.

Одговарајќи на прашањето дали Ивица Дачиќ ќе биде вицепремиер, таа рече дека се претпоставува дека тоа е природно и потврди дека и Милош Вучевиќ и Синиша Мали ќе бидат потпретседатели, како и дека сите тројца ќе бидат на министерски функции.

Брнабиќ кажа дека се уште се размислува колку ресори ќе има новата влада.