Новото амфибиско борбено возило (АКВ) на маринскиот корпус на САД беше официјално ставено во функција и се чека да биде распоредено од амфибиските воени бродови со големи палуби на американската морнарица на непријателска територија. Ова претставува исполнување на долгоочекуваниот капацитет, кој се очекува да им даде на американските воени команданти невидена способност за маневри и да ги прошират продорните копнени напади подлабоко на непријателската територија.
Корпусот ќе го распореди својот нов АКВ произведен од „БАЕ системс“ како начин да внесе нови иновативни тактики за напад во современата ера. Новото борбено возило за амфибиски напад има цел значително да ја прошири должината на мисијата многу повеќе за разлика од сегашните амфибиски напаѓачки возила. Новата конфигурација на маринскиот корпус е усогласена со нова стратегија за амфибиски напад, која, меѓу другото, гледа потреба од проширен удар во копнената одбрана по првичниот истовар на бреговите.
Новото возило е дизајнирано за долги поморско-копнени борбени операции, користи океанска вода за да го лади својот мотор, за да му овозможи да носи до 200 литри гориво. Додека новиот АКВ може да помине приближно 21 километар на вода и да развие брзина од шест јазли, на копно може да достигне брзина од околу 95 километри на час и да помине стотици километри. Новото амфибиско борбено возило е специјално дизајнирано да развие поголема брзина и да има подобро маневрирање и издржливост на копно. Тешко е 30 тони и има дигитализирана возачка табла со инструменти. Новите АКВ се опремени со митралези и со беспилотна купола, што може да интегрира пушка од 30 мм, доколку корпусот побара да биде вградена.
Воведувањето на новиот АКВ во флотата се усогласува со новиот стратегиски пристап на маринскиот корпус за амфибиски напад, чија цел е да се искористи воздушната поддршка од петтата генерација, да се располага со капацитет за попроширени, расчленети, но сепак „мрежни“ напади и да се користат помали беспилотни бродови за извршување мисии за извидување, противминирање и напад. Пораспространетиот амфибиски напад не само што ја намалува својата ранливост на непријателски оган туку може да користи и напредна команда, контрола, комуникација и компјутерски разузнавања, како и опции за надзор и извидување, но и вмрежување за подобро да ги идентификува клучните точки на напад во поширока област.
Новите АКВ ќе можат да се пуштат во напад од амфибиски бродови со големи палуби, наречени носачи на јуришни хеликоптери (ЛХА) и амфибиски транспортни бродови (ЛПД). Во исто време, од американската морнарица нагласуваат дека првите два брода од класата „Америка“ на носачи на јуришни хеликоптери се изградени со авијациски акцент за, меѓу другото, да имаат можност за лансирање на ловецот „ф-35 џоинт страјк фајтер“ и други елементи на воздушно спроведување на амфибиски напад. Целата стратегиска и концепциска промена е исто така обусловена од зголемениот фокус на морето. Помалите бродови со повеќе мисии, според оваа нова стратегија, ќе бидат зајакнати со поголеми амфибиски бродови, кои ќе функционираат како суверени ентитети на побезбедни растојанија. Воените лидери на корпусот објаснуваат дека овие амфибиски бродови со голема палуба ќе работат како „поморски пристаништа, болници, логистички складишта и морски бази за маневарски сили“.