Кон крајот на април, САД и Русија извршија размена на затвореници

Западните земји не треба да ја отфрлаат шансата за обновување на дипломатските врски со Москва, истакнува Ричард Хас за „Проџект синдикејт“

Дали сè уште е можно подобрување на односите меѓу Русија и Западот?

Во услови на повеќе од два месеца интензивен медиумски фокус на конфликтот во Украина, една приказна беше во голема мера занемарена. Кон крајот на април, САД и Русија извршија размена на затвореници. Русија ослободи Американец (поранешен маринец) кого го приведе пред околу три години, додека САД ослободија руски пилот затворен пред повеќе од една деценија поради обвиненија за шверц на дрога. Она што ја прави размената вредна за обележување е тоа што се случи во време кога руската специјална воена операција во Украина ги доведе односите со САД на најниска точка од крајот на Студената војна. САД избраа да избегнат директно воено вклучување во конфликтот, но прават многу за да влијаат на неговата траекторија, вклучувајќи со тоа што ја снабдуваат Украина со големи количества напредно оружје, разузнавање и обука за да може успешно да им се спротивстави на руските сили. САД, исто така, презедоа чекори за зајакнување на НАТО и воведување строги економски санкции кон Русија.
Иако суштински интерес на Украина е да стави крај на конфликтот и да спречи поголемо крвопролевање и уништување, желбата на претседателот Володимир Зеленски за мир е условена. Тој се обидува да ја врати територијата што Русија ја освои и да обезбеди почитување на суверенитетот на земјата, така што, меѓу другото, Украина може да ѝ се приклучи на Европската Унија (ЕУ). Рускиот претседател Владимир Путин, од своја страна, треба да постигне исход што ќе ја оправда неговата скапа воена операција. Има мали шанси да се преговара за мир што ќе го премости јазот помеѓу овие две навидум непомирливи позиции. Многу е поверојатно дека конфликтот ќе продолжи не само со месеци туку и со години, што ќе биде заднина за односите на САД и Западот со Русија.

Да се прифати Русија каква што е

Една можност за Западот би била да го поврзе целиот однос со Русија со нејзините дејства во Украина. Сепак, ова би било грешка, бидејќи Русија може да влијае на другите западни интереси, како што се ограничувањето на нуклеарните и ракетните капацитети на Иран и на Северна Кореја, како и успехот на глобалните напори за ограничување на штетните емисии што предизвикуваат климатски промени. Добрата вест е дека, како што покажува размената на затвореници, длабоките разлики околу Украина не мора да го исклучуваат водење заемно корисни потфати доколку двете страни имаат дијаметрално спротивни намери. Но заштитата на можноста за селективна соработка ќе бара софистицирана, дисциплинирана дипломатија.
Првично, САД и нивните партнери ќе треба да дадат приоритет, па дури и да ги ограничат своите цели во Украина. Ова значи откажување од идеите за промена на власта во Русија. Потребно е да се комуницира со Русија каква што е, а не со онаа што би ја преферирал Западот, кој не е во позиција да влијае на промена на власта или рускиот претседател, а уште помалку на тоа некој да го замени. Исто така, западните влади би биле мудри да го одложат разговорот за наводно судење за воени злосторства на високи руски функционери и да престанат да се фалат дека ѝ помагаат на Украина да цели на високи руски генерали и бродови. Конфликтот и истрагите се во тек, а Русите треба да видат некаква корист во одговорното однесување.

Преиспитување на целите

Иако Русија може да се најде во полоша економска и воена состојба како резултат на иницирањето на специјалната воена операција, американската влада треба јасно да каже дека, спротивно на забелешките на министерот за одбрана Лојд Остин, целта на Америка не е да го искористи конфликтот за слабеење на Русија. Напротив, САД треба да нагласат дека сакаат тој да заврши што е можно поскоро под услови што го одразуваат суверениот, независен статус на Украина. Што се однесува до конфликтот во Украина, Западот треба да продолжи да му дава поддршка на Киев и да спречи ескалација со избегнување директна борба. На Кремљ, сепак, треба да му се даде на знаење дека оваа воздржаност е заснована на тоа да не го прошири конфликтот во земја на НАТО или да не употреби оружје за масовно уништување, а во таков момент самонаметнатите западни граници ќе исчезнат.
Западот, исто така, треба внимателно да ги разгледа своите воени цели и како да ги оствари. Целта треба да биде Украина да ја контролира целата своја територија, но тоа не мора да го оправдува обидот за ослободување на Крим или дури и целиот источен регион Донбас со воена сила. Некои од овие цели може подобро да се бараат преку дипломатија и селективно олеснување на санкциите. Дипломатијата е алатка на националната безбедност што треба да се користи, а не услуга што треба да се даде и таа треба да продолжи да се следи со Русија. Приватните состаноци меѓу високи цивилни и воени претставници на западните земји и Русија треба да продолжат, со цел да се намали ризикот од погрешна пресметка што може да доведе до конфронтација или полошо, но и да се истражат можностите за ограничена соработка.