Собирањето на 27-те членки на европскиот блок заради одлука за промена на договорот ќе биде долготраен процес, полн со предизвици, особено кога сите главни иницијатори што стојат зад овој притисок се западноевропски држави, вели Оливер Нојан за „Еурактив“

Ќе се ублажи ли отпорот против институционални промени во Брисел?

Додека апелите за реформи во Европската Унија (ЕУ) добиваат интензитет, неколку од членките се противат на предлогот за промена на договорот. На крајот, проширувањето на Унијата би можело да биде главниот преговарачки инструмент за почнување на реформскиот процес. Европа е преокупирана со дискусии за реформи уште по завршувањето на конференцијата за европската иднина, при што Франција, Италија и Германија се особено заинтересирани да ја насочат ЕУ кон патот на реформите.
Трите држави основачи сега заедно би можеле „навистина да испорачаат нешто важно за Европа“ – изјави за „Еурактив“ Марк Узан, директор на Центарот за европска политика (ЦЕП) во Париз, додавајќи дека оваа криза е пресвртница за Европа.
Од друга страна, речиси половина од членките на ЕУ се против радикални промени во договорот, а 13 источноевропски и скандинавски членки излегоа со заеднички став и предупредија дека „постојат непромислени и прерани обиди за започнување процес за промена на договорот“. Сепак, неколку од членките што се противеа веќе го ублажија својот отпор и покажаа одредена подготвеност за дијалог. И други потписници на заедничкиот допис против реформи во ЕУ го омекнаа својот став. На пример, од романското министерство за надворешни работи изјавија дека 13-те членки не ја исклучуваат потребата од институционални реформи онаму каде што се потребни, но сакаат да избегнат почеток на овие процеси без постоење на темелна анализа.

Проширувањето како џокер-карта

Во секој случај, собирањето на 27-те членки на Унијата заради одлука за промена на договорот ќе биде долготраен процес, полн со предизвици, особено кога сите главни иницијатори што стојат зад овој притисок се западноевропски држави. Оттука, Франк Шимелфениг, професор и претседател на Центарот за европски политики при Универзитетот во Цирих, отворено тврди дека „веројатноста за реформа на договорот е многу мала“. На пример, Полска остро се спротивставува на каква било реформа на договорот.
Сепак, еден преговарачки инструмент на масата, кој би можел да ги отвори портите за реформи во ЕУ е проширувањето. Некои од членките веќе јасно ставија до знаење дека Унијата треба да се реформира пред какво било понатамошно проширување, зашто во спротивно капацитетот на ЕУ за дејствување би бил значително намален.
Во основа, оваа поврзаност помеѓу проширувањето и институционалните реформи досега беше на агендата во секоја од проширувачките рунди – додаде Шимелфениг.

Реформа без промена на договорот

Сепак, постојат опции за институционална реформа што не ги исполнуваат условите во промената на договорот. Особено Германија се залага за укинување на барањето за едногласност во надворешната политика, нешто што, според сегашните одредби во договорот, е веќе можно. Додека членките-основачи на ЕУ и Европската комисија се цврсто на страната на ваквиот чекор, источноевропските земји се отворено против него. Меѓутоа, унгарското вето за европските санкции за увоз на руска нафта сепак доведе до одредени приспособувања во ставовите на овие членки. На пример, полскиот премиер тврдеше дека „актуелниот проблем во врска со санкциите“ покажува дека барањето за едногласност „понекогаш навистина го попречува“ процесот на носење одлуки. Естонија изрази слична загриженост. Иако премиерката Каја Калас истакна дека помалите членки на Унијата би можеле да бидат „прегазени во донесувањето одредени одлуки“, во Талин се смета за проблем и унгарското вето за санкциите. Во секој случај, дури и ако досегашниот отпор за укинување на едногласноста во надворешната политика по малку се разводнува, многу е веројатно дека Унгарија ќе стави вето на секој обид за мнозинско гласање во надворешната политика.
Единствената преостаната опција за непречен понатамошен развој на ЕУ без промена на договорот е онаа за „ултрабрза“ Европа. Во својот скорашен говор во Европскиот парламент, Макрон веќе даде сигнал и ја навести оваа опција, изјавувајќи дека Европа не би требало да ги чека „најскептичните и најколебливите“. Европските договори веќе дозволуваат ваква промена преку засилена соработка, каде што најмалку на девет од членките им е допуштено да воспостават напредна интеграција. Сепак, иако Франција и Германија долго време се залагаат за нејзина употреба, оваа опција досега се користеше многу ретко.