Грција

Лидерот на ПАСОК-движење на промена, Никос Андрулакис, упати тешки обвинувања до грчката влада за случајот со прислушувањето на неговиот мобилен телефон од страна на Националната служба за разузнавање. Ваквите остри зборови тој ги изрече за време на прес-конференцијата во рамките на Меѓународниот саем во Солун.
Андрулакис уште еднаш ја изнесе забелешката дека Владата одбива официјално да го информира за причините за неговото следење што се одвивало во пресрет на изборите за лидер на партијата и во периодот додека сѐ уште беше само европратеник. Тој побара јасни одговори од грчкиот премиер, велејќи дека во случајов не станува збор за лично прашање туку за прашање што се однесува на демократијата.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со обидот неговиот мобилен телефон да биде хакиран со софтверот за следење „Предатор“, лидерот на ПАСОК потенцира дека ако постојат докази за поврзаност на Владата, тоа би било „политички крај за Мицотакис на европско ниво“.
Господинот Мицотакис многу се плаши од темата „Предатор“, а се плаши бидејќи е прашање што многу ќе го наруши неговиот меѓународен имиџ. Никој во Брисел не може да прифати дека се користи „нуклеарно оружје“ вредно милиони против политички лидер, политички противник на премиерот. Доколку има доказ за поврзаност со премиерската палата, тоа ќе значи и политички крај на господинот Мицотакис на европско ниво – истакна Андрулакис.
Тој објасни дека линкот што тој го добил во СМС бил ист со оној кај новинарот Танасис Кукакис, кој исто така пријави следење со „Предатор“. Притоа, Андрулакис посочи дека тоа е знак дека не може обидот да е од трети страни, туку „центарот е тука“.