Во регионот здравството сѐ уште под корона-пресинг

Последниот пресек на епидемиолошката состојба на земјите од регионот покажува дека благо опаѓа бројот на новозаразени со коронавирус, но не и бројот на починати. Само за илустрација, во Хрватска за еден ден починале 76 лица, што е најголема бројка на починати во овој бран на пандемијата.
Во меѓувреме, во изминатото деноноќие, пак, во Словенија се идентификувани 2.125 новозаразени со коронавирус, што е за над 540 лица помалку од истиот ден минатата недела. Уделот на позитивните во бројот на тестирани падна за три отсто во однос на истиот ден минатата недела. Се проценува дека моментално има 33.527 активни инфекции, што е дневен пад од 1.500 во Словенија, пренесува „Танјуг“.
Во исто време, во четвртокот во БиХ беа регистрирани 945 новозаразени со коронавирус и 30 починати, додека претходниот ден имало 42.
Според најновиот пресек на епидемиолошката состојба во Црна Гора, во изминатото деноноќие починале четири лица, а биле регистрирани 258 нови случаи на инфекција со коронавирус, додека тестирани биле 2.060 лица. Состојбата во Бугарија, пак, е и понатаму драматична, каде што здравствените власти информираа дека се регистрирани 2.105 нови случаи со ковид-19 и 89 починати.
Во Романија, пак, пријавени се 1.149 нови инфекции и дури 66 смртни случаи, од кои осум се пријавени ретроактивно. Слично како и Романија, и Унгарија изминатиот ден пријави висок број смртни случаи, каде што дури 218 лица ја загубиле битката со коронавирусот во земјата за еден ден. Бројот на активни инфекции во земјата е 187.795, додека во болниците моментално се наоѓаат 7.450 пациенти. Од почетокот на пандемијата во Унгарија починале 34.931 лице.