Хрватска

Жителите во пограничните места се чувствуваат како да живеат во воена состојба или во некој логор

Поминаа четири години откако Словенија постави ограда и бодликава жица на границата кон Хрватска, за да се одбрани од бранот илегални преминувања на мигрантите. Од вкупна должина на границата, 671 километар, ограда е поставена на 179 километри, од нив на 116 километри има испреплетена и т.н. жилет-жица. Ист систем на оградување на границата примени и Унгарија за да се заштити од неконтролираниот влез на мигранти. За апсурдноста од поставувањето вакви жичени бариери на границата меѓу Хрватска и Словенија пишува „Вечерњи лист“, чија екипа ги посети пограничните места и разговараше со месното население, кое секојдневно се соочува со проблеми по поставувањето на оградата. Најилустративен пример е оградата што поминува на десетина метри од фудбалски клуб Заврч, од истоименото село во Словенија. Кога некој играч посилно ќе ја шутне фудбалската топка таа одлетува преку оградата на хрватска територија! Децата направиле една мала дупка на пластичната панел-ограда и секогаш кога ќе сакаат да ја вратат назад, прават „меѓуграничен инцидент“.
– Ова е виша сила. Оградата и жицата немаат смисла. Ако сака мигрантот ќе ја пресече жицата и ќе ја помине границата, вели Жељко, која ја косеше тревата покрај патот што е на страната на Словенија.

Овде Словенците во 2015 година, во екот на најголемиот мигрантски бран, поставија ограда и тешки бетонски блокови, со што го затворија локалниот пат што води до Заврч. Хрватите овој пат го користеле да одат на миса во соседното место во Словенија. Тие ѝ припаѓаат на хрватска општина, но погребите на своите блиски ги прават на гробиштата во Словенија. Оградата ја прекина и другата комуникација. Луѓето од двете страни на границата купувале од една продавница, но по затворањето на границата таа пропаднала. Луѓето секогаш биле поврзани, а има и многу мешовити бракови.

Жителите во пограничните места се чувствуваат како да живеат во воена состојба или во некој логор.
– Ние сме заробени, и Словенците и Хрватите. Но добрата страна е што оградата е поставена на патот, па автомобилите не поминуваат, а порано се движеа со голема брзина. Се плашевме некој да не загине. Сега е мирно – вели Катарина.
Овој брачен пар има пропусници за прекуграничен промет. Границата можат да ја поминуваат на неколку премини, а словенечките власти им дале клучеви од капиите. Пропусниците се обновуваат на секои пет години и тие чинат 80 куни. Услов за нивно добивање е лицето што живее на хрватската страна да поседува земјиште во Словенија.

Се случува Словенците на хрватска страна да изнајмат парче земја, само за да можат да добијат пропусница за слободно движење, за да не одат секогаш на службениот граничен премин. За да одат до локалната продавница, која е на територија на Хрватска и која им е оддалечена 150 метри по воздушна линија, Словенците поради оградата мораат да одат преку официјалниот премин и за тоа да поминат пат од пет километри. За месното население оградата претставува психолошка бариера. Имаат чувство дека се во времето на Втората светска војна.

Оградата нема поголема функција, затоа што е поставена на места каде што има голема контрола од полицијата и граничните служби, а во шумата нема поставено и мигрантите можат лесно да ја преминат границата. Тие се движат со навигатори и лесно се снаоѓаат на непознат терен.

Од острата жица најчесто страдаат животните и селаните, кои мораат често да ги отстрануваат мршите од пцовисаните животни.
Словенија најави дека ќе постави нови 40 километри жичена бариера. Хрватска официјално достави реакција до Европската комисија дека жилет-оградата е непремостлива бариера за миграција на дивите и природни видови животни, но границата со Словенија останува еден од најчуваните делови на Европа.