Фото: Игор Бансколиев

Со Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан се предвидува до 2050 година да се намалат користењето фосилни горива и емисијата на штетни гасови (декарбонизација), но со тоа ќе се соочат со низа економски и социјални предизвици, поради исполнувањето на високите еколошки стандарди

Србија нема да се откаже од производството на струја со користењето јаглен, а како главна причина за тоа е високото учество на електрична енергија од околу 70 отсто, која е произведена во домашните термоцентрали. Србија до 2050 година се обврза дека во целост ќе го исфрли од употреба јагленот, со потпишувањето на зелената агенда во ноември 2020 година во Софија, во рамките на зелената агенда, на која се обврзаа сите земји од Западен Балкан. Српската влада се најде на средината меѓу преземените еколошки обврски и незадоволните работници од рударскиот комплекс, чии работни места зависат од експлоатацијата и користењето на јагленот. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на прославата на Денот на рударите (6 август) јавно порача дека „неговата земја нема да бега од своите капацитети на јаглен и даде ветување до рударите дека нивните работни места ќе бидат сигурни и во наредните триесет години.
Во 2020 година производството на струја добиена од јаглен е зголемено за пет отсто во споредба со претходната година, покажуваат податоците на Годишниот извештај на Агенцијата за енергетика на Србија (АЕРС). Во производството на електрична енергија доминантно е учеството на нискокалоричниот лигнит, кој е со најслаб квалитет. Најголемиот производител на лигнит е јавното претпријатие „Електропривреда Србија“, кое е задолжено за осум термоцентрали во кои работат 25 блока, пишува Радио Слободна Европа.
Според извештајот на мрежата на невладините организации со седиште во Прага, „Бенквотч“, од 2021 година вкупната емисија на сулфур диоксид од термоцентралите на јаглен во Србија во 2019 година била за 5,6 пати поголема отколку што е дозволено со Националниот план за намалување на емисиите на штетни материи. Најголеми загадувачи се термоцентралите „Костолац Б“ во источна Србија, а на второ место е „Никола Тесла Б1 и Б”, во близината на Белград. Овие термоцентрали лани емитувале повеќе од 300 илјади тони сулфур диоксид, а според преземените обврски кон регулаторното тело на Европската Унија најголемото дозволено „количество“ е 55 илјади тони. За споредба, овие две термоцентрали во 2019 година емитувале повеќе сулфур диоксид од сите француски, бугарски, полски и чешки термоцентрали заедно, наведуваат од невладиниот регулаторен институт за обновлива енергија и животна средина од Србија.

Пред секретаријатот на Енергетската заедница во тек е постапка против Србија поради непочитување на директивата за големи печки. Постапката е иницирана во јануари 2020, затоа што Србија не ја почитуваше директивата за намалување на емисијата за загадувачки материи од термоцентралите на јаглен.
Со Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан се предвидува земјите кандидатки за членство во ЕУ, како и членките на заедницата, до 2050 година да ги намалат користењето фосилни горива и емисијата на штетни гасови (декарбонизација). Европскиот зелен план, кој ја опфаќа и зелената агенда, е збир на прописи и мерки од климатски политики, како и за реформи на енергетскиот и транспортниот сектор, особено преку воведување обновливи извори на енергија и намалување и постепено укинување на производството на јаглен. За Србија е особено проблематично што ќе мора да ги укине субвенциите за јаглен, што предизвика и незадоволство на вработените од енергетскиот сектор и производството на јаглен.
Во однос на декарбонизацијата, земјите од Западен Балкан мора да ги исполнат своите енергетски цели до 2030 година, преку имплементација на конкретни мерки опфатени со националните стратегиски документи од оваа област. Циркуларната економија исто така е значаен дел од декарбонизацијата, а фокусот е ставен на превенцијата на генерирањето отпад, рециклирањето и компостирањето. Намалувањето на загадувањето на Западен Балкан нема да биде лесна задача, имајќи предвид колку овие економии се потпираат на јагленот и во колкава мера тоа влијае врз девастирањето на воздухот, водите и почвата, но, секако, декарбонизацијата на енергетскиот и сообраќајниот сектор има огромен потенцијал во однос на ова прашање, сметаат домашните екологисти и економисти.