НАТО со обвинувања кон Кина, Пекинг со инстантна, остра реакција
Пекинг побара од НАТО да остане надвор од Азија, тврдејќи и дека Алијансата ја оцрнува Кина. Кинеските власти остро го критикуваа НАТО поради обвинувањата на Северноатлантската алијанса дека Кина станала „одлучувачки овозможувач“ на руската војна против Украина. Лидерите на НАТО претходно побараа Кина да „прекине со секаква материјална и политичка поддршка на руските воени напори“. А Пекинг соопшти дека поднел претставки до НАТО во врска со обвинувањата, кои ги окарактеризира како „провокативни, со очигледни лаги и оцрнувања“.
– Го повикуваме НАТО да остане во рамките на својата улога како регионална одбранбена организација во северниот дел на Атлантикот. НАТО не треба да стане нарушувач на мирот и стабилноста во Азија – Пацификот или алатка што ја користат одредени големи сили за одржување на хегемонијата – се вели во кинеската изјава.
Кинеската мисија во ЕУ исто така соопшти дека Пекинг бара политичко решение за војната во Украина и никогаш не обезбедил смртоносно оружје на ниту една од страните во конфликтот, додавајќи дека нејзиниот „нормален трговски тек“ со Русија не треба да биде предмет на прекин или принуда. П.Р.