Белата куќа најави нови санкции против руските олигарси, а како што пишува Си-ен-ен, тоа е нов обид на американскиот претседател Џо Бајден да го спречи рускиот колега Владимир Путин во воената операција врз Украина.

На новиот список на санкционирани се наоѓаат пријатели на Путин и членови на нивните семејства, кои ќе бидат отстранети од американскиот финансиски систем, нивниот имот во САД ќе биде замрзнат и блокиран, соопшти Белата куќа.

Станува збор за осум членови на руската елита, а меѓу нив е и еден од најбогатите во Русија – Алишер Усманов. Нему ќе му бидат блокирани и неговата супер-јахта и приватен авион, објави Си-ен-ен.

САД ќе го санкционираат и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– САД и владите низ светот ќе работат заедно за да ја идентификуваат руската елита и да ги замрзнат нивните средства што се чуваат во тие земји – јахти, луксузни станови, пари и други профити – соопшти Белата куќа.

Ова е списокот на руските олигарси кои ќе бидат санкционирани:

– Николај Токарев (заедно со неговата сопруга Галина, ќерката Маја и неговите две компании за луксузни недвижности)
– Борис Ротенберг (заедно со неговата сопруга Карина и синовите Роман и Борис)
– Аркадиј Ротенберг (заедно со синовите Павел и Игор и ќерката Лилија)
– Сергеј Чемезов (заедно со неговата сопруга Екатерина, синот Станислав и поќерката Анастасија)
– Игор Шувалов (заедно со неговите пет компании, сопругата Олга, синот Евгениј и неговата компанија и авионот и ќерката Марија и нејзината компанија)
– Евгениј Пригожин (заедно со неговите три компании, сопругата Полина, ќерката Љубова и синот Павле),
– Дмитриј Песков, портпарол на Путин
– Алишер Усманов (неговата супер-јахта, една од најголемите во светот, која штотуку ја заплени Германија, и неговиот приватен авион, еден од најголемите руски авиони во приватна сопственост)

САД ќе воведат и визи за 19 олигарси и 47 членови на нивните семејства. Тоа ќе биде насочено кон олигарсите за кои е познато дека финансираат, значително поддржуваат или спроведуваат активности кои ја поддржуваат надворешната политика на Русија, пишува Си-ен-ен.

Британската Влада денеска, исто така, соопшти дека воведува санкции за милијардерот бизнисмен Алишер Усманов и поранешниот руски вицепремиер Игор Шувалов.

Двајцата олигарси, кои поседуваат имот од 19 милијарди долари (14 милијарди фунти) и имаат „значајни интереси во Британија и блиски врски со Кремљ“, се „санкционирани со моментален ефект“, соопшти британското Министерство за надворешни работи.