Талибанците обесија тело на човек на кран на главниот плоштад во Херат, во западен Авганистан, јави агенцијата АП.

Вазир Ахмад Седики, кој има своја аптека на плоштадот во Херат, за американската агенција изјави дека биле забележани вкупно четири тела  – едното на кранот, а другите три најверојатно ќе бидат изложени на други места во градот.

Талибанците на плоштадот кажале дека четворицата мажи биле фатени за време на киднапирање и биле убиени од страна полицијата.

Нурудин Тураби, еден од основачите на талибанското движење и толкувач на строгата примена на шеријатските закони, оваа недела рече дека Талибанците ќе извршуваат егзекуции, како и ампутација на рацете за разни злосторства.

Талибанците ја презедоа власта во Авганистан на 15 август.