Воената парада во Северна Кореја, како по навика, секоја година го привлекува окото на светската јавност. Овој пат, во време кога земјата се соочува со последици од пандемијата и длабока економска криза низ улиците на Пјонгјанг, изостана декорот од нуклеарниот воен арсенал, кој беше заменет со специјални воени единици за борба со ковид-19

Мистериозна единица продефилира на воената парада во Северна Кореја

Додека Северна Кореја се бори со пандемијата далеку од очите на светската јавност, а во исто време властите се соочуваат со недостиг од храна и економска криза, мистериите на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун и понатаму се во фокусот на извештаите на светските медиуми. Имено, по повод прославата од 73-годишнината од основањето на републиката, на воената парада, која вообичаено се одржува секоја година, во средата, покрај дефилето на мистериозните сили во портокалова заштитна опрема со гас-маски, изостана и презентирањето на новите вооружувања и ракетните балистички системи. Ваквиот невообичаен протокол на воената парада го привлече вниманието на западните демократии и во исто време, според светските медиуми, ја наметна дилемата дали врховниот лидер Ким Јонг-ун е во нови тајни преговори за денуклеаризација на земјата во замена за економска западна помош.

Елитна единица за борба против вирусот

Според Би-би-си, ваквите случувања се знак дека во Северна Кореја се формирани специјални сили за да се спречи ширењето на коронавирусот, каде што Пјонгјанг, за жал, сѐ уште го демантира постоењето на вирусот во земјата. Медиумот исто така наведува дека досегашните паради на Северна Кореја имаа две функции, кои овој пат исто така изостанаа. Во некои пригоди тие беа начин да му се покажат на надворешниот свет новата воена опрема и балистичките ракети и покрај меѓународните санкции. Сега го немаше тоа, како што изостана и традиционалното обраќање на лидерот Јонг-ун по завршувањето на парадата, оценува медиумот. На сликите објавени од настанот не изгледа дека на парадата биле вклучени новите воени системи, како и новото оружје. Набљудувачите исто така забележаа дека Ким ослабел значително, но и оти изгледал поздраво. Сето ова, според експертите, говори дека Пјонгјанг можеби планира да се откаже од нуклеарното оружје и арсеналите на балистичките ракети.
– Фрапантно е колку поздраво изгледа Ким Јонг-ун на овие фотографии. Тој изгледа многу подобро отколку пред неколку месеци – напиша на Твитер Мартин Вилијамс, севернокорејски експерт во центарот „Стимсон“, со седиште во Вашингтон.
Во јуни, државните медиуми објавија снимка од Ким откако претходно тој неколку недели исчезна од јавноста, покажувајќи дека изгубил значителна тежина.

Разговорите со Пјонгјанг за денуклеаризација во застој

Во меѓувреме, весникот „Родонг Шинмун“, гласило на владејачката Работничка партија, исто така објави фотографии на луѓе со портокалова заштитна опрема со гас-маски, што ги симболизира напорите на земјата во борбата против коронавирусот, и воени пешадиски единици како маршираат со неколку повеќецевни ракетни фрлачи. Споменатите балистички проектили не се евидентирани во претходните извештаи, а Ким, според весникот, не одржал ниту говор, за разлика од минатиот октомври, кога државата направи ноќна воена парада, каде што беа прикажани дотогаш невидени интерконтинентални боеви ракети.
Инаку, по настаните од октомври минатата година, во јануари годинава се одржа уште една ноќна воена парада, а подготовките за неа беа забележани порано на сателитските снимки. Светските медиуми пренесуваат дека разговорите за да се убеди Пјонгјанг да се откаже од нуклеарното оружје и арсеналите за балистички ракети сѐ уште се во застој во последните месеци. Иако администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден најави продолжување на дипломатските напори за постигнување севернокорејска денуклеаризација, досега САД не покажаа подготвеност да ги исполнат барањата на Северна Кореја во однос на ублажувањето на санкциите кон неа. Од друга страна, пак, Пјонгјанг неколкупати досега ја оценуваше американската дипломатија како „лажна“ и ја одби понудата за преговори со Вашингтон за нова средба со раководството на Бајден, објави официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА.