ОН имаат над 110.000 мировници во 13 мисии во разни жаришта во светот

ОН ги суспендираа ротациите и распоредувањата на мировници во мисиите до 30 јуни за да го намалат ризикот од ковид-19. Светската организација се соочува со двоен предизвик, да им ја гарантира безбедноста на мировниците, но и да ги убеди земјите да не ги повлекуваат дома поради страв од ширење на вирусот

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш привремено ги прекина ротациите и распоредувањата на мировниците во мисиите на ОН до 30 јуни за да се намали ризикот од пренесување на ковид-19. Светската организација се соочува со двоен предизвик, да им ја гарантира безбедноста на мировниците, но и да ги убеди земјите да не ги повлекуваат дома поради страв од ширење на вирусот. ОН имаат над 110.000 мировници во 13 мисии во разни жаришта во светот.

Стефан Дужарик, портпарол на шефот на ОН, изјави дека приоритет на организацијата е да гарантира дека новите мировници нема да бидат заразени со ковид-19, да го намали ризикот мировниците на ОН да бидат фактор за ширење на заразата и истовремено да ги одржи оперативните способности на мировните мисии. Тој посочи дека за да се спречи и ограничи ризикот од пренесување на смртоносниот вирус, ротирањето и распоредувањето на офицери и полициски и воени единици е суспендирано до 30 јуни и дека одлуката е пренесена до сите земји што обезбедуваат воени и полициски припадници, како и до сите релевантни мировни операции. Дужарик посочи дека може да се разгледаат неколку исклучоци за да се продолжи со ефикасно исполнување на мандатот на некои мисии, но само ако има олеснителни околности.

Како што посочуваат аналитичарите, ОН прави напори да им ја гарантира безбедноста на мировниците за време на пандемија, но истовремено се обидува да ги убеди државите да не ги повлекуваат дома, бидејќи со тоа би ги загрозиле мировните мисии во најголемите жаришта во светот. Неименуван дипломат за АФП вели дека постои загриженост од т.н. ефект на стампедо.
– Земјите што испраќаат мировници може да имаат легитимна загриженост и затоа си велат дека нема да ги остават своите припадници во земјите-домаќини зашто ако се заразат, нема да бидат добро згрижени – посочува дипломатот.

Шефот на ОН за мировни мисии, Жан-Пјер Лакроа, изјави дека засега не добил барања од земји за повлекување на мировниците поради ковид-19.
– Во моментот е клучно да се продолжи со колективната посветеност кон мирот – нагласи тој.
Подготвувајќи се за ширење на вирусот во земји со мировници на ОН, светската организација на 6 март објави дека ќе престане со ротациите во и надвор од конфликтните зони, каде што се обидува да го одржи мирот. ОН потоа ја продолжи суспензијата до 30 јуни и посочи дека таа сега важи за сите земји каде што се распоредени мировници на ОН. Мерките за изолација, кои во целиот свет се применуваат за луѓето што се заразени со коронавирусот, веќе неколку недели се во сила и во камповите во кои се сместени војниците на ОН.

Претставници на светската организација посочуваат дека разни мерки за претпазливост се преземени и за патролите на ОН, со намера мировниците да не се заразуваат меѓусебно, но и за да не ја пренесуваат заразата на локалното население. Светската организација е свесна за овие проблеми, особено по фактот дека мировниците на ОН од Непал, кои беа распоредени на Хаити по катастрофалниот земјотрес во 2010 година, го заразија локалното население со колера, а епидемијата подоцна однесе најмалку 10.000 животи.
– Ги правиме сите можни напори да ги спречиме нашите луѓе да бидат вектори на зараза – нагласува Лакроа, наведувајќи ги строгите правила за хигиена и минималниот физички контакт со локалното население.

Во однос на Африка, за која се прогнозира дека допрва ќе биде тешко погодена од пандемијата, ОН сметаат дека засега треба да ги задржат своите мисии во земјите како Мали, Јужен Судан или ДР Конго. Освен седумте мисии во Африка, ОН има уште три мисии на Блискиот Исток, две во Европа (Косово и Кипар) и една во Азија (Индија и Пакистан).
Дипломати велат оти мерките преземени против ковид-19 имаат влијание врз мировните мисии на ОН, но истовремено посочуваат дека операциите мора да продолжат зашто во спротивно се заканува „тотална катастрофа“ доколку војниците на ОН си заминат. Шефот на ОН, Гутереш, претходно повика на итен прекин на огнот во воените зони во целиот свет, како во Јемен и во Сирија. Апелот немаше преголем ефект на боиштата, но тој исто така беше и имплицитно барање до државите да не ги враќаат дома своите мировници.

ЕУ, која е главен извор на војници и полицајци за мировните мисии на ОН, ја поддржа идејата за задржување на силите на ОН, ветувајќи дека нема да ги врати дома европските војници вклучени во овие операции.
– Би сакале да нагласиме дека наспроти товарот на пандемијата врз нашите системи, ние остануваме посветени на работата што ја спроведуваат мировниците во целиот свет – порача ЕУ до Гутереш, додавајќи дека мировните мисии на ОН треба да продолжат со своите операции за поддршка на земјите-домаќини во време на пандемија.
Некои дипломати на ОН се оптимисти и се надеваат дека одговорот на Африка на пандемијата ќе биде неочекувано добар и ќе им овозможи на мировниците на ОН да останат во земјите во кои се распоредени. Според еден европски дипломат, африканските земји се многу поподготвени за справување со епидемии и на психолошки план и во однос на капацитетите на здравствените системи, пред сѐ поради претходните искуства со ебола и со други епидемии. Но таков оптимистички став нема шефот на мировните мисии на ОН.

– Пандемијата ќе има особено тешко влијание во земјите со мировници на ОН поради слабата инфраструктура и здравствените мрежи уништени од војната – нагласува Лакроа.
Како што посочи шефот на ОН, ковид-19 е голем ризик за мирот и безбедноста. Пандемијата во моментот го опструира и мирот во воените жаришта во светот.