Нееднаквиот економски удар врз Европската Унија (ЕУ) од влијанието на пандемијата на коронавирусот покажува дека ќе следува тешко закрепнување, така што растот ќе биде послаб во јужните за разлика од северните и источните членки. Економската криза има поголемо влијание во Јужна Европа, затоа што економиите имаат потопла клима и зависат од туризмот, а поради тоа се силно погодени од строгите рестриктивни мерки за ковид-19. Јужните држави исто така располагаат со многу поголем број мали и средни претпријатија што се поврзани со туризмот, патувањата и угостителството, кои се помалку отпорни на финансиските проблеми од кризата.
Од друга страна, северните и источните членки на ЕУ се позависни од производството и од индустрискиот извоз, каде што економскиот удар е поограничен. Економските поделби меѓу Северот и Југот ја усложнуваат желбата на Европската централна банка да креира универзална монетарна политика за еврото, што води до дополнителни неизвесности на пазарот. Како резултат на тоа, ризикот од општествени немири и владин колапс е многу поголем во јужните европски држави, каде што пандемијата ги разгоре старите економски проблеми предизвикани од последната светска финансиска криза од 2007-2008 година.