Мансур Абас (десно), Нафтали Бенет (во средина) и Јиар Лапид го потпишуваат договорот за коалицирање

Лидерот на арапската политичка партија Раам, Мансур Абас, седеше покрај Нафтали Бенет, претставникот на израелската ултрадесничарска Јармина. Тоа беше глетка што никој во Израел не можеше да ја замисли, пишува магазинот „Тајм“. Но тие се сретнаа, а со нив беше и секуларниот центрист Јаир Лапид, за време на средбата одржана на 2 јуни. Политичарите беа подготвени да ги потпишат документите за составување на коалициска влада во која ќе бидат палестински државјанин на Израел и двајца еврејски лидери.

– Тоа беше историски момент. Очите им се насолзија на некои од присутните во просторијата – вели Абас во изјава за „Тајм“.

Во изминатите две години Израелците излегуваа на избори во четири наврати за да изберат влада, но сега веќе поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху не успеваше да состави владејачка коалиција. А не можеа да ја состават ниту неговите политички противници.

Но, на последните избори одржани во април се појави т.н. кингмејкер (фактор од кој зависи формирањето на секоја идна власт) – Абас, исламскиот политичар кој изненадувачки се обврза дека е подготвен да биде дел од десничарска колиција, што ниту една друга арапска партија не го земаше в предвид.

Договорот беше одложен од војната, кога минатиот месец избија судири помеѓу палестинците и Израел. Арапите сочинуваат 20 отсто од популацијата на Израел, но ниту една арапска партија не беше дел од владејачкото мнозинство уште од 1977 година, кога Ликуд дојде на власт. Тоа се смени кога Абас го потпиша договорот на 2 јуни. Во неделата изралскиот парламент ја одобри новата влада во која Бенет ќе биде премиер. Тоа беше историски миг што стави крај на ерата на Нетанјаху, а за кој Абас се надева дека ќе биде клучен и за арапско-израелските односи.

– Самиот чин на нашето учество во владата, како и политичкиот напредок што го носи, а би можел и да грешам, ќе донесе и мир во регионот, чувство на надеж, дека е можно да живееме заедно, дека е можно работите да се прават поинаку – објаснува Абас.

Дали е подобро за Арапиде да постигнат компромис или да ја бојкотираат изралеската влада ќе остане клучно прашање за иднината на Израел. Ако коалицирањето на Абас со владата им помогне на арапските граѓани, тогаш би можело да има силен далекусежен ефект, заклучува „Тајм“.