Рускиот претседател Владимир Путин ќе бара постигнување на договор со неговиот американски колега Џо Бајден со цел да го стави под контрола глобалното сајбервојување, тврди „Њузвик“. Москва ги смета ваквите напори за клучни за искоренување на „дигиталната трка во вооружување“, како и за избегнување на погрешен чекор што би можел да предизвика конфликт меѓу суперсилите.

Избувнувањето на конфликт е особено опасно при отсутвото на „црвени линии“ меѓу државите кои бргу развиваат потенцијално опасни сајбер-капацитети.

Путин ја спомена ваквата закана во септември кога истакна дека „еден од денешните главни стратешки предизвици претстува ризикот од голем судир на дигитално поле“. Ваквиот коментар уследил заедно со планот во четири точки за воспоставување на комуникација на високо ниво помеѓу Вашингтон и Москва во однос на прашањето за „меѓународната информациска безбедност“.

Путин бара и глобален договор за ненапаѓање кој би се однесувал на комуникациските технологии. Советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џејк Саливан, соопштил дека прашањата за нуклеарното вооружување и за сајбербезбедноста ќе бидат теми на разговор на утрешната средба помеѓу Бајден и Путин, пренесува „Њузвик“.

Американскиот магазин наведува и дека Бајден бил советуван да ја искористи оваа прилика за испраќање порака, во ситуација кога се покажува дека Америка е ранлива на сајбернапади од групи за кои се верува дека се поврзани со Русија или со државите од поранешниот СССР.

– Сакам Бајден јасно да му објасни на Владимир Путин што претставува ризик и дека ние нема да се повлечеме ако бидеме нападнати од Русија, како и дека ние ќе одлучуваме за тоа што претставува „сајбер Перл Харбор“, што значи дека Русија не ја контролира динамиката на можната ескалација – вели Евелин Фаркаш, која ја извршуваше функцијата заменик-помошник секретар за одбрана на САД.

Сајбер-заканата слична на Перл Харбор уште не е видлива, но скорешните случувања сугерираат дека бргу може да дојде до ескалација, што се забележува и според масовниот сајбер-напад врз американската компанија „Солар виндс“, во кој хакери добија пристап до внатрешните електронски адреси на американски владини и други западни институции, заклучува „Њузвик“.