Соединетите Американски Држави се убедливо најголемиот загадувач со пластичен отпад во светот, се вели во извештајот на федералната влада, која бара нова национална стратегија за решавање на проблемот, пренесуваат светските медиуми.

САД придонесле со 42 милиони тони пластичен отпад во глобалното загадување со пластика во 2016 година, што, според анализата, е двојно повеќе од Кина и земјите од ЕУ заедно.

Во просек, секој Американец произведува 130 килограми пластичен отпад годишно, а Јужна Кореја е следна со 88 килограми пластичен отпад на годишно ниво по човек.

Извештајот наречен „Пресметување на улогата на САД во глобалниот океански пластичен отпад“ бил одобрен од Конгресот како дел од Законот за спасување на океаните, донесен од Конгресот минатиот декември.

– Чудесниот изум на пластика, придонесе во глобална поплава од пластичен отпад што го гледаме насекаде во 20 век – напиша Маргарет Спринг, која претседаваше со комисија од експерти кои го подготвија извештајот.

Истражувањето покажало дека глобалното производство на пластика се зголемило од 20 милиони тони во 1966 година, на 381 милион тони во 2015 година, што претставува зголемување за 20 пати за само половина век.

Во извештајот се наведува дека првично, потеклото на отпадот во океаните било фокусирано на бродските и морските ресурси, но сега е познато дека речиси секое парче пластика на земјата може да стигне до океаните преку реки и потоци.

Истражувањата покажале дека речиси илјада видови од морскиот свет се чувствителни на пластични предмети во кои се заплеткуваат или ги јадат како микропластика, која потоа им се враќа на луѓето преку синџирот на исхрана.

Се наведува и дека светот секоја година се загадува со нови осум тони пластика, што е еквивалентно на истовар на камион полн со пластичен отпад во океанот секоја минута.

– Според сегашните стапки, количината на пластика што се фрла во океаните би можела да се зголеми на 53 милиони тони годишно до 2030 година, приближно половина од тежината на рибите што се ловат годишно во светските мориња – се вели во извештајот.

Ова делумно се должи на наглото зголемување на количината на пластика во комуналниот отпад, особено од 1980 година наваму, поради што обемот на рециклирање не можеше да држи чекор, па сè повеќе пластика го наоѓаше патот до депониите.

Извештајот понуди голем број решенија за справување со кризата – особено залагање за намалување на производството на нерециклирана пластика, употреба на материјали кои се разградуваат побрзо и полесно, намалување на пластиката за еднократна употреба и подобрено управување со отпадот, како што се техники за отстранување на микропластиката од отпадните води. А еден од најголемите приоритети е да се спречи пластиката воопшто да стигне до океаните.

– Ова е најсеопфатниот и најсуровиот извештај за загадувањето со пластика. Извештајот е црвена линија и докажува дека само депонирањето на отпадот нема да го спаси океанот. Неопходно е креаторите на политиките и деловните лидери да го прочитаат овој извештај и да преземат итни мерки – рече Џудит Енк, претседателка на непрофитната организација „Билонд пластик“.