Двајца американски војници се убиени и уште шестмина други ранети во оружен напад во авганистанската источна провинција Нангахар, соопштија американските воени власти.

Инцидентот се случил во областа Ширзад кога маж во авганистанска униформа отворил оган од автоматска пушка кон пункт на здружените американско-авганистански воени сили.

Повредените војници биле медицински згрижени во американската болница.

Во друг извештај, меѓутоа, се укажува дека престрелка меѓу авганистанските и американските сили за време на заедничка операција, предизвикала жртви и на двете страни.

– Сè уште собираме информации, а причините и мотивот за нападот засега се непознати – се наведува во кратката изјава на американската војска.

Засега не се знае дали за инцидентот се одговорни талибанците кои пукале кон здружените американско-авганистански воени сили, или пак станува збор за пресметка меѓу сојузничките сили.